Вардар заврши на второто место и обезбеди пласман во Лигата на Европа

После три последователни шампионски титули во изминатите три сезони, во оваа сезона Вардар заврши како второпласиран на табелата во Првата македонска фудбалска Лига. „Црвено-црните“ во изминатите 36. кола, забележаа 16 победи, осум нерешени средби и 12 порази. Вардарци постигнаа 53 гола, а примија 41, и освоија на крајот 56 бодови. 

Тоа беше доволно тимот да избори излез на меѓународна сцена, и тоа во 1. квалификациско коло во Лигата на Европа. Противникот Вардарци ќе го дознаат на 19. јуни со ждрепката во Нион, а на почетокот нашиот тим ќе биде во групата на носители. Тоа значи дека ќе добие противник со помал коефициент кој што изнесува во моментов 5.000 според УЕФА.  

Во штотуку завршената сезона, „црвено-црните“ го направија најголемиот успех во својата историја, и во историјата на македонскиот клупски фудбал со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа. Вардар стана првиот тим кој стигна толку далеку во Европа, а во групата освои еден бод од дуелите со Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг. Љубителите на фудбалот имаа можност да видат силни тимови, а освен овие три екипи, во нашата земја гостуваа и Малме, Копенхаген и Фенербахче. 

Во Купот на Македонија, Вардарци стигнаа до 1/4 финалето, каде што беа елиминирани од Шкендија. 

Во следниот период на нашата официјална веб страница ќе следуваат дополнителни информации за летните подготовки на екипата, за промените вo играчкиот кадар на екипата, како и за противниците на контролните натпревари за време на подготвителниот период.  

недела, 20 мај 2018