Колев: Работиме за подобра иднина на Вардар

Кадетската екипа на Вардар ја почна сезоната со две победи, едно „реми“ и два порази. Тимот како и во повеќето младински категории е драстично сменет од минатата сезона, и ќе треба одредено време да се промени. Тренерот Владимир Колев истакнува дека и покрај промената на целите на младинските категории, секогаш се бараат победи, успеси и титули.

„Оваа година се сменети целите. Резултатите се ставени во втор план, а главната цел е да се „произведат“ играчи за првиот тим на Вардар. Така се соочуваме со ситуација на пример помлади играчи да тренираат со постари генерации. Меѓутоа и покрај тоа, ние секогаш одиме на победа и нема да се откажеме од намерата на крајот да дојдеме до титулата. Сигурно дека со сите генерации ќе се обидеме да бидеме во конкуренција за врвот“, вели Колев.

Сега постарите генерации како кадетите и младинците тренираат два пати на ден на теренот на Фудбалската Академија на Вардар.

„До сега не беше пракса, но од оваа сезона се тренира по два пати на ден. Се договоривме да биде така за играчите што побрзо бидат подготвени за сениорска конкуренција“, изјави Колев.

Тренерот на Вардар ги искажа своите импресии од стартот на сезоната во кадетска конкуренција...

„Имаме две победи, еден нерешен резултат и два порази. Составот е драстично сменет од лани. Згора на тоа реков дека играме со помлади деца и сме во конкуренција да играме со постарите. Сето тоа треба да донесе подобри резултати во иднина. Затоа и ние работиме, да создадеме иднина за сениорската екипа на Вардар“, вели Колев.

Владимир Колев е среќен што од неговата генерација повремено играчи тренираат во сениорскиот состав.

„Полека но сигурно се наметнуваат во првата екипа. Чедомир Јаневски веќе има јасна слика за одредени играчи.Секогаш има на тренинзите 5-6 деца од младинските категории кои имаат 16 и 17 години. Сигурно дека нашата цел е таму да останат, да бидат стандарни членови на првата екипа на Вардар. Тоа е целта, и полека одиме кон исполнување на таа цел“, изјави Колев.

 

четврток, 12 октомври 2017