Кларенс Битанг нов играч на Вардар

Камерунскиот интернационалец Кларенс Битанг е новото засилување во средниот ред на екипата на Вардар. 25-годишниот фудбалер потпиша договор на 2.5 години со нашиот тим, и веќе денеска се приклучи на екипата на тренинзите во Скопје. 

„Задоволство е што сум дел од оваа екипа. Во Анталија бев неколку дена со екипата, и можам да кажам дека има квалитет. Ќе дадам сè од себе да ја оправдам довербата, и се надевам дека оваа година ќе славиме нова шампионска титула. Знам дека тимот моментално е на втората позиција, но во пролетниот дел одиме на освојување на бодови, и се надевам дека на крајот ќе славиме уште една шампионска титула“, рече Битанг на денешната промоција. 

Битанг се приклучи на екипата во Анталија, меѓутоа по минувањето на медицинските прегледи, денеска и официјално стана дел од „црвено-црнот“ тим. 

„Очекувам брзо да се прилагодам во клубот, и да бидам прифатен од моите нови соиграчи. Ова за мене е нов предизвик во кариерата, и подготвен сум да дадам се од себе за доброто на клубот, и за нови успеси. Видов дека екипата играше во групната фаза од Лигата на Европа оваа сезона, и посакувам најмалку заедно да го повториме тој успех“, изјави Битанг. 

Добродојде во Вардар Кларенс Битанг!

среда, 7 февруари 2018