Карактерот и желбата донесоа бод на Вардар против Шкупи

Вардар имаше негатива во натпреварот со Шкупи уште од првиот дел, и многу неискористени шанси, но на крајот во судиското надополнување желбата и карактерот на екипата донесоа израмнување, и еден бод од градското дерби. Евгениј Новак успеа да погоди во противничката мрежа, и тоа после неколку нереализирани шанси на нашите играчи. Сепак, фудбалерите во „црвено-црно“ не се предаваа, и тоа даде плод во финишот, каде што голот донесе еден бод од овој натпревар. 

Малку шанси во првиот дел, и водство на гостите од Чаир на Националната Арена „Филип Втори“. Први се заканија играчите на Вардар со шутот на Битанг во 6. минута, но непрецизно и крај голот.

Немаше шанси се до 33. минута и водството на Шкупи. Нафрлување од левата страна, и гол со глава на Имери кој што од 5-6 метри ја затресе мрежата на Алексовски.

Актуелна беше 42. минута кога Стојкоски упати шут од 20 метри, Алексовски успеа да одбрани. Последната прилика во првиот дел ја видовме на другата страна кога после центаршутот на Брдаровски, топката одеше опасно и директно кон голот, меѓутоа Зендели со крајни напори изби во корнер.

Притисокот на Вардар и желбата да се дојде до израмнување, донесоа два обиди во првите пет минути од вториот дел. најкпрво во 50. минута обидот со глава на Максимов оди само крај голот, а две минути подоцна истиот играч се обиде од 20 метри со нога, но и таа топка отиде покрај дирекот во гол аут.

Во 68. минута по изедениот корнер на Вардар, Грнчаров се обиде со глава, но топката оди само над голот. Минута подоцна добра шанса за Шкупи преку Имери, но одличната интернвенција на нашиот голман Игор Алексовски не дозволи противникот да го зголеми водството и да дојде до втор гол.

Се играше 71. минута кога Барсегјан се најде во добра позиција, но во последен момент беше изблокиран, а тој се најде на тревата. Судијата Шаќири одмавна со рацете, сметајќи дека нема никаков контакт. Обидот на Барсегјан во 76. минута оди само покрај голот на Шкупи, со што пропадна уште една можност за промена на резултатот.

Сепак, упорноста и карактерот на Вардар донесоа еден бод од дуелот со Шкупи. Во последната минута од судиското надополнување „црвено-црните“ после една акција од левата страна, и додавањето на Барсегјан до Новак, стоперот на Вардар успеа да погоди во мрежата на Шкупи, и да донесе израмнување на резултатот. Веднаш потоа стигна и последниот свиреж на судијата за крај на мечот.

ВАРДАР - ШКУПИ      1:1 (0:1)

Национална Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 300.

Судија: Албрим Шаќири (Струга).

Стрелци: 0:1 Имери 33’, 1:1 Новак 90’+3

Ж. Картони: Битанг, Барсегјан (В) - Зендели (Ш).

ВАРДАР: Алексовски, Брдаровски, Грнчаров, Новак, Антовски (35’ Тодороски), Глигоров, Битанг, Исени (60’ Цветановски), Блажевски, Барсегјан, Максимов.

ШКУПИ: Зендели, Малиќи, Бајрами, Типуриќ, Љамчевски, Адем, Шабани (80’ Кривањева), Имери (87’ Чан), Броја, Стојкоски, Илијоски (68’ Јашароски).

 

СТАТИСТИКА

ВАРДАР           ШКУПИ

7          корнери          4

11/5     удари/во        6/4

15        прекршоци     11

1          офсајди          2

2          ж. картони      1

0          ц. картони      0

0          пенали            0

Фото: Петр Стојановски

недела, 15 април 2018