Јуфо: Со нетрпение го чекам почетокот на новата сезона

За време на подготвителниот период во Словенија, бразилскиот интернационалец во дресот на Вардар, Виктор Нилдо Јуфо се повреди, и мораше да го пропушти финишот на подготовките, како и двата европски натпревари против Пјуник во рамките од Лигата на Европа. Јуфо на пријателската средба со Херманштад во 21. минута го напушти теренот поради болки во ложата. Повреда која го оддалечи од терените речиси три недели, а доби шанса да игра на пријателските натпревари против Македонија ЃП и против Силекс, со што покажа дека повредата сега за него е минато, и дека е подготвен за настапите во првенството. 

„За среќа сега се е во ред. Подготвен сум за настап во првенството, и со нетрпение го очекувам мојот прв официјален натпревар во дресот на Вардар. Жал ми е што не бев во можност да му помогнам на тимот во натпреварите против Пјуник во Лигата на Европа. Сега сум подготвен да одговорам на следните предизвици и се надевам дека ќе му помогнам на тимот во освојувањето на шампионска титула“, вели Јуфо. 

Доколку стручниот штаб одлучи, тогаш Јуфо можно е официјалното деби во дресот на Вардар да го има против Шкендија, неговиот поранешен тим. 

„Така сакаше ждрепката, ако добијам шанса, тогаш првиот меч во Вардар ќе ми биде против мојот поранешен клуб. Додека настапував таму стекнав многу пријатели, меѓутоа сега сум во тимот на Вардар, и ќе се трудам мојот сегашен тим да победи. А, со останатите и натаму ќе останам пријател кога ќе заврши натпреварот. Со нетрпение го чекам мојот прв настап во Вардар и се надевам дека ќе имам деби со три бода“, изјави бразилскиот интернационалец кој што на својот прв настап на пријателски натпревар во дресот на Вардар успеа да постигне гол во дуелот со Шампион Цеље на подготовките во Словенија. 

вторник, 7 август 2018