Ибиши и Димоски потпишаа професионални договори

Младите фудбалери на Вардар и сегашни првотимци Џемаил Ибиши и Бојан Димоски, потпишаа професинални договори со „црвено-црните“. Двајцата ставија потписи на договорите кои што се во трајност од три години.

Напаѓачот Ибиши веќе неколку месеци е дел од сениорскиот тим на Вардар. Играше на неколку средби во есенскиот дел од сезоната. Тој посакува многу успешни настапи, голови и многу титули во настапите во дресот на најтрофејниот македонски тим. Ибиши е роден 18.01.2001 година во Скопје, и пред да дојде во Вардар бил во младите категории на скопски Металург. 

„Среќен сум што потпишав професионален договор со Вардар и што сум дел од овој тим. Не верував дека ова ќе се случи, но со напорна работа се е можно. Сега останува само напорно да тренирам и да се наметнам кај стручниот штаб. Верувам дека во пролетниот дел ќе ја освоиме титулата и ќе завршиме во првото место“, вели Ибиши кој што има право за настап и за младинците и за кадетите на Вардар, а веќе три години е дел од нашиот тим.

Бојан Димоски ги мина подготовките на Вардар во Аланија, и одигра неколку контролни натпревари. Сега фудбалерот од средниот ред се надева дека ќе добива шанса и на официјалните мечеви во првенството. Димоски бил дел од младинските тимови на Пролетер и Тетекс, а пред две години пристигна во Вардар, прво во младите категории, а сега е дел од сениорите. 

„Ми се исполни сонот да бидам дел од сениорскиот тим на Вардар. Тоа ми желба уште кога дојдов пред две години тука од тимот на Тетекс. Добро работевме на подготовките во Турција, и се надевам дека ќе ја оправдам довербата кај стручниот штаб и дека ќе добивам шанса да настапувам. Се разбира дека целта во пролетниот дел е освојување на првото место“, рече Димоски по потписот на договорот.

петок, 15 февруари 2019