Храбрите Вардарци го победија и Копенхаген во ЛШ!

Вардар со минимална предност ќе патува на реваншот во Копенхаген во рамките од третото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Во одлична атмосфера и пред околу 12.000 гледачи на трибините на „Телеком Арената“, Вардарци го совладаа Копенхаген со 1:0.  Победата на нашиот тим можеше да биде и поубедлив доколку беа искористени уште некоја од шансите кои ги направија на натпреварот. Вредниот триумф го донесе голот на Балотели кој што погоди во 65. минута. Претходно овој играч имаше прилика за порано да го донесе Вардар во водство, а Фелипе во финишот во првиот дел исто така пропушти можност да погоди.

И покрај серијата на шанси на Вардар, во првиот дел немаше голови, односно мрежите на двете страни мируваа. Сепак, први се заканија гостите од Данска кои што уште во третата минута упатија удар преку Вербиќ, но Гачевски со парада успеа да одбрани во корнер. Веќе во следната минута противнапад на Вардар преку Блажевски, упати удар кој што беше изблокиран. Во 7. минута и Барсегјан со обид, овој пат во рамките на голот, меѓутоа ударот е млак и голманот Олсен успеа да одбрани. Се играше 8. минута кога се закани и Блажевски, но само крај голот.

Следуваше мирен период на натпреварот во кој немаше возбудувања се до 34. минута кога Спировски од слободен удар шутираше по средината каде што Олсен одбрани.

Во финишот од првиот дел големи возбудувања пред голот на Данците. најпрво Балотели од 7-8 метри со глава ја упати топката само над голот. Во судиското надополнување се случи и најголемата шанса во првото полувреме. После долгата акција помеѓу Блажевски, Барсегјан и Фелипе, последниот се најде во супер шанса, упати прецизен удар кој што одеше во рамките на голот, но и Олсен успеа да одбрани и да избие во корнер, со што пропадна и последната шанса во првиот дел за промена на резултатот и предност на Вардар.

Сепак, предноста на нашиот тим ќе дојде нешто подоцна. Балотели на почетокот на вториот дел излезе сам пред голот, и стрелаше само покрај стативата, а патем беше и изблокиран од еден од играчите на данскиот тим.

Балотели донесе водство на Вардар во 65. минута. Топката се одби од одбраната на Копенхаген, стигна до нашиот играч кој што со волеј погоди во горниот лев агол за голема радост на „Телеком Арената“ во Скопје на публиката како и на целата македонска јавност.

Вардар нешто подоцна ќе има шанса и за втор гол во мрежата на противникот, но Којашевиќ не се снајде во завршницата откако доби убава топка од Балотели. За малку водството ќе беше поубедливо.

Данците имаа прилики во финишот од средбата кога во 87. минута Санандер се обиде со глава, но нашиот голман Гачевски успеа убаво со парада да спаси.

Во судиското надополнување шанса уште една за Копенхаген преку Томсен кој што се најде сам после избивањето на Гачевски, но најпрво ја утна топката, а потоа успеа да шутира, но од гол линијата интервенираше Новак, а патем судијата досуди офсајд на играчот кој што беше веднаш до нашиот стопер.

Со тоа дојде крајот на натпреварот кој сите го посакувавме за нова голема победа на Вардар во Лигата на шампионите. Сега останува уште реваншот во Копенхаген за тој историски успех на тимот за кој што седум децении се надевавме и го сонувавме.

ВАРДАР - КОПЕНХАГЕН         1:0 (0:0)

Стадион: „Телеком Арена“ во Скопје. Гледачи: 12.000.

Судија: Даниел Зиберт (Германија).

Стрелци: 1:0 Балотели 65’

Ж. Картони: Хамбарџумјан (В) - Јохансон, Тутох (К).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Новак, Демири, Спировски, Николов (88’ Глигоров), Барсегјан (76’ Брдаровски), Фелипе, Блажевски (60’ Којашевиќ), Балотели.

КОПЕНХАГЕН: Олсен, Бенгтсон, Јохансон, Лифтнер, Боилесен, Тутох (65’ Томсен), Квист, Грегуш, Вербиќ, Сантандер, Павловиќ (73’ Сотиру).

вторник, 25 јули 2017