Големо „реми“ за Вардар од Малме!

Шансите на Вардар за пласман во 3. квалификациско коло од Лигата на шампионите се поголеми, после вечерашниот резултат на гостувањето во „Сведбанк“ во Малме. 1:1 на крајот во многу интересен и возбудлив натпревар во кој што нашиот тим не успеа по првиот дел да дојде до предност. Тоа го стори во вториот дел кога Николов го донесе толку посакуваниот гол од ова гостување. Вардарци имаа предност која што противникот ја анулираше во 75. минута и со тоа дојде до нерешен резултат. 

Следува реванш натпревар во Струмица во кој што Вардар влегува со предност со овој еден гол постигнат на гостински терен. 

После првиот дел од мечот, Вардар може да жали што не се стекна со водство над Малме. После првите 15 минути, во кои што домаќинот имаше два обиди од далечина, кои што беа непрецизни, следуваше супер шансата за „црвено-црните“. Откако убаво проиграа Спировски и Балотели, Бразилецот се најде во супер позиција, во супер шанса да реализира. Од 13-14 метри упати удар кој што заврши само во надворешниот дел од мрежата, а противничкиот голман Виланд само со поглед ја испрати топката. Првата голема шанса за Вардарци остана неискористена. 

Веднаш после оваа прилика, Малме се закани преку Бергет, но Гачевски успеа да го одбрани неговиот удар, како и оној на Ракип во 32. минута кога беше упатен удар само по средината на голови. 

Во 34. минута втора голема шанса за нашиот тим. Овој пат Николов го проигра Барсегјан кој што избегна офсајд, излезе сам, но многу чекаше и топката му ја одзеде Нилсен, меѓутоа таа стигна до Балотели кој што упати удар само над голот. 

До крајот на првиот дел Малме преку Јотун упати непрецизен удар, со што после првите 45. минути мрежите на голманите Гачевски и Виланд мируваа, но нашиот тим имаше посериозни шанси за водство. 

Ништо не се случуваше на теренот на „Сведбанк“ на почетокот на вториот дел. Обидите од далечина на Малме не донесоа опасност по голот на Гачевски. 

Потоа дојде и посакуваното водство на Вардар! Гооооооол од Бобан Николов. Се почна со акцијата од десната страна после која Фелипе испрати топка до Балотели кој што не успеа да се закани, а топката стигна до Николов. Нашиот играч успеа да ја смири, да шутира прецизно во левиот агол, а топката од стативата заврши во мрежата на Малме. Следуваше големата радост на Вардаровите фудбалери кои што сосема заслужено стигнаа до водство на овој натпревар. 

Малме стигна до израмнување во 75. минута. Откако Еикрем убаво нафрли од слободен удар, стоперот Брорсон со глава од 6-7 метри успеа да го совлада Гачевски. 

Нашиот голман Филип Гачевски во 79 минута му го одбрани шутот на Кристијансен кој што се најде сам пред голот на Вардар. На четири пред крајот од мечот Швеѓаните имаа шанса преку Нилсен кој што се најде на 5-6 метри, но ја упати топката над голот. 

Во судиското надополнување се создаде мешаница и прилика за Малме после изведен корнер, Кристијансен шутираше силно, а топката заврши во пречката. Тоа беше и последното возбудување на овој натпревар во кој што Вардар дојде до добар резултат пред реваншот на домашен терен во Струмица. 

 

МАЛМЕ - ВАРДАР    1:1 (0:0)

Стадион: „Сведбанк“ во Малме. Гледачи: 20.058. 

Судија: Торвадур Арнасон (Исланд). 

Стрелци: 0:1 Николов 63’, 1:1 Брорсон 75’

Ж. Картони: Левицки (М) - Барсегјан, Грнчаров, Фелипе, Николов, Гачевски (В).

МАЛМЕ: Виланд, Тимерхолм, Нилсен, Брорсон, Конате (65’ Еикрем), Ракип (65’ Сванберг), Кристијансен, Левицки, Јотун, Цибицки (85’ Берквист), Бергет. 

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Новак, Демири, Спировски (78’ Којашевиќ), Фелипе, Исени (46’ Глигоров), Николов, Барсегјан (72’ Блажевски), Балотели. 

 

СТАТИСТИКА

МАЛМЕ    ВАРДАР

13    корнери    1

15/5    удари/во    3/1

8    прекршоци    13

1    ж. картони    5

1    офсајди    1

 

ФОТОГАЛЕРИЈА>>

среда, 12 јули 2017