Генерацијата на Вардар 2006 година го освои „Пирин Куп“

Вардаровата генерација на фудбалери родени 2006 година, беше најдобра на „Пирин Куп“ 2018 година, кој изминатиот викенд се одржуваше во Сандански, Бугарија. Со победата над Витоша Софија од 2:1, на крајот нашите млади надежи успеаја да го освојат пехарот на овој турнир. 

Во финалето Витоша дојде во водство од 0:1. Меѓутоа ниту негативата не беше демотивирачка за младите фудбалери да дојдат до триумфот. Најпрво Алтин Алији успеа да го израмни резултатот, а потоа Кристијан Галевски уште еднаш да погоди во противничката мрежа на Витоша, и со тоа Вардарци покажаа дека се најдобри. Токму голот примен во финалниот меч со Витоша, беше единствениот примен гол на оваа генерација на „црвено-црните“ на овој турнир. За Вардар на овој турнир играа следните играчи: Данстак, Порчу, Галевски, Јанкоски, Сековски, Николов, Митровски, Алији, Миовски, Цониќ, Танчев, Михајловски, Патаровски, Николовски, Коловски. 

Во другите категории на овој турнир, генерацијата 2008 година го освои второто место, односно беше поразена во финалниот натпревар. Левски Софија во завршниот натпревар го совлада нашиот тим со 2:0. Оваа генерација на играчи турнирот го заврши со само еден пораз и пет победи. 

Генерација 2007 година, пак, успеа на крајот да заврши на четвртото место. Во натпреварот за третото место, „црвено-црните“ беа поразени од ЦСКА Софија со минимални 1:0. На целокупниот турнир, оваа генерација успеа да извојува четири победи, и два порази, односно загубија во полуфиналето и на крајот во натпреварот за третата позиција на турнирот. 

понеделник, 12 февруари 2018