Филип Најдовски е нов играч на Вардар

Фудбалерот за врска Филип Најдовски, е нов член на Вардар. 25-годишниот играч пристигна во нашиот клуб од тимот на Победа Прилеп. Тој е поранешен член на младинската репрезентација на Македонија, кога селектор беше токму сегашниот шеф на стручниот штаб Бобан Бабунски.

Договорот на Најдовски со „црвено-црните“ е на една година, со можност за продолжување на соработката и во следните две.

„Вардар е најголем клуб во Македонија, чест и привилегија е да се биде дел од овој тим. Идната сезона очекувам да се бориме да ја вратиме титулата онаму каде што припаѓа, и да ја освоиме двојната круна. На Вардар секогаш му доликува да се бори да биде најдобар во секоја конкуренција“, рече Најдовски.

Најдовски и неговите нови соиграчи ги очекуваат летни подготовки, а потоа и настапи во квалификациите во Лигата на Европа.

„Очекувам да се наметнам во екипата, и да ја оправдам укажаната доверба. На подготовките секој ќе ја добие шансата, и очекувам да ја искористам. Потоа не очекуваат натпревари во Лигата на Европа. Секако дека посакувам да го повториме минатосезонскиот успех, и да се пласираме во групната фаза ако е можно. Тоа би било одлично“, изјави новиот играч на „црвено-црните“.

Најдовски очекува брзо да се вклопи во новиот клуб, со оглед дека со добар дел од играчите се знае, а соработувал и со шефот на стручниот штаб на Вардар, Бобан Бабунски.

„Бевме заедно во младинската репрезентација, имам многу високо мислење за Бабунски. Добро го познавам него, и тој мене, а сум бил заедно и со неколку играчи. Тоа ќе ми помогне побрзо да се вклопам во новата средина“, вели Најдовски.

Фудбалскиот клуб Вардар му посакува среќа на Најдовски во „црвено-црниот“ дрес, со многу успешни настапи и титули.

Добродојде во Вардар Филип!

 

ФИЛИП НАЈДОВСКИ

Датум на раѓање:        13.09.1992 година

Место на раѓање:         Скопје

Кариера:                       Цементарница (млади категории), Напредок, Тетекс, Победа

Репрезентација:           до 19 години, до 21 година

Позиција:                      играч за врска, десен бек

недела, 10 јуни 2018