Фелипе после 100-тиот меч: Посакувам уште многу настапи за Вардар

На неделниот натпревар против Скопје, бразилскиот интернационалец Хуан Фелипе, го одигра својот јубилеен 100-ти официјален меч во дресот на Вардар. За Фелипе тоа беше 75-ти првенствен натпревар, 14 меча има одиграно во Европа, 10 во Купот на Македонија и 1 во Супер-Купот на Македонија. До сега има освоено две шампионски титули, и еден Супер-Куп пехар. 

Денеска во тренинг кампот на ФК Вардар на Фелипе му беше доделен дрес со бројот 100, кој го симболизира овој негов јубилеј. Бразилецот искажа благодарност за овој гест, и посака уште многу успешни настапи во дресот на Вардар. 

„Се чувствувам нормално. Не ги бројам натпреварите, меѓутоа ми е драго што стигнав до овој јубилеј 100 натпревари во дресот на Вардар. Посакувам барем уште минимум 100 натпревари во овој тим. Чест ми е што сум дел од клубот, а уште подраго ми е што овој јубилеј дојде во моментите кога тимот го направи најголемиот успех во историјата и игра во групната фаза од Лигата на Европа“, изјави Фелипе. 

Фелипе вели дека на досегашните 100 натпревари секогаш го давал максимумот и секогаш посакувал Вардар да победи. 

„Секогаш кога ќе излезам на терен, имам само една мисла. Да дадам се од себе да се претставам во добро издание, и на крајот да му помогнам на тимот да победи. Среќен сум кога ќе постигнам гол, уште посреќен кога Вардар ќе успее да дојде до победата на секој натпревар. Се надевам дека така ќе биде и оваа сезона. Две години по ред ја освојувам титулата, и посакувам и во третата сезона во Вардар да го потворам тој успех. Од нас се очекува на секој натпревар да победуваме и на крајот да освојуваме пехари во сите натпреварувања. Во Европа секогаш одиме да се претставиме во добро издание и да обезбедиме учество во групна фаза. Оваа сезона ни успеа со пласманот во Лигата на Европа, што за нас претставува едно огромно искуство, а посакувам во иднина ова често да се случува, зошто да не влеземе и во групната фаза од Лигата на шампионите“, рече Бразилецот. 

 

Фелипе пред неколку месеци го продолжи договорот со Вардар до јуни 2020 година, што значи дека и во следните  нешто повеќе од две и пол години ќе биде дел од „црвено-црното“ семејство. Уште од првиот ден Бразилецот се чувствува одлично во дресот на Вардар. 

„Уште од првиот ден одлично сум примен во екипата. Повеќе од две години сум тука од овој тим, доживеав одлични моменти, но во вечно сеќавање ќе ми остане натпреварот со Фенерахче во Истанбул, кога обезбедивме пласман во групната фаза од Лигата на Европа, момент кој не се опишува со зборови. Кога стигнавме во Скопје бевме дочекани како вистински херои. Тоа доволно кажува што значи овој тим тука во Македонија и дека луѓето знаат да се радуваат на успесите. Сето тоа е за нас и дополнителен мотив да се обидеме во иднина да го повториме тој успех, дури и да го направиме уште поголем “, изјави Фелипе. 

среда, 8 ноември 2017