Фелипе: Очекувам победа во дербито и доближување до првото место

Вардар во сабота во 14:30 часот на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје, го пречекува тимот на Шкендија во дербито на 10 коло од Првата лига. Практично со тој натпревар ќе започне и вториот круг од шампионатот, и покрај тоа што нашата екипа има два натпревари помалку од сите останати тимови. 

Очекувањата од натпреварот во сабота ги искажа бразилскиот интернационалец Хуан Фелипе Алвес Рибеиро.

„Играме против првопласираниот тим на табелата. Шкендија има многу добар и силен тим, но ние сакаме да победиме и со три бода да им се доближиме на првата позиција. Исто така и Вардар е силна екипа и верувам дека ќе оствариме победа, и на некој начин ќе им вратиме за поразот во првото коло. Играме на домашен терен, ја поканувам публиката  да дојде во поголем број и да биде 12 играч на ова дерби за да дојдеме до трите бода“, изјави Фелипе. 

Фелипе се надева дека серијата на победи во првенството ќе продолжи и на ова дерби. 

„Не само против Шкендија, туку против секој тим секогаш одиме на победа. Секој натпревар во овој шампионат е важен за повторно да ја освоиме титулата. Нашата цел е да бидеме на првото место на крајот од сезоната и затоа на овој натпревар како и на сите одиме на три бода“, рече Бразилецот во дресот на „црвено-црните“. 

четврток, 12 октомври 2017