Еден гол на Блажевски за три бода на Вардар од Кратово

Вардар успеа да ги освои трите бода од гостувањето во Кратово кај Силекс. Нашиот тим со гол во вториот дел издвојува уште една победа во првенството, и ја задржа предноста на првото место на прволигашката табела. Стрелец на голот беше повторно Дејан Блажевски, истиот фудбалер кој што ги донесе трите бода од гостувањето во Тетово кај Ренова.

После првиот дел имаше шанси, но недостасуваа голови. Први се заканија домаќините со два обида од 30 метри на Танушев и на Филиповски, меѓутоа одбрани Гачевски. Во 10. минута одлично беше проигран Демири од Фелипе, првиот одкосо од десно се обиде само во надворешниот дел од мрежата. Во 24. минута обидот на Каланоски со глава оди над голот. Најдобрата шанса за Вардар ја имаше Велковски. Нашиот стопер во 43 минута тргна во соло акција, стигна дури на десетина метри од голот на Митровиќ, но беше многу одкосо и противничкиот голман му го одбрани ударот. Повторно Велковски после изведен корнер се најде во шанса, меѓутоа обидот со глава по добиениот дуел со голманот Митровиќ отиде покрај голот. Пред крајот на полувремето Гачевски му го одбрани и ударот на Каланоски од добра позиција.

Целосна офанзива на Вардар која што траеше речиси во текот на целото второ полувреме. Домаќините се бранеа со сите сили, но не успеаја да одолеат во 64 минута. После долга акција Спировски одлично го проигра Блажевски кој што избега од офсајд, и со глава го „матираше“ Митровиќ за водство на Вардар. Блажевски кој што влезе во игра само три минути порано, успеа да го израдува нашиот тим.

Една минута подоцна Боарето се најде во супер шанса да го зголеми резултатот, меѓутоа неговиот обид му го одбрани Митровиќ со врвот на прстите. Блажевски имаше уште една шанса да го зголеми водството, меѓутоа повторно Митровиќ успеа да одбрани и да избие во корнер. Во финишот Силекс имаше само еден обид на Пановски кој што заврши во гол аут со што заврши мечот во кој што нашата екипа успеа да освои вредни три бода од ова тешко гостување.

 

СИЛЕКС - ВАРДАР      0:1 (0:0)

Стадион: „Силекс“ во Кратово. Гледачи: 1.000.

Главен судија: Далибор Ѓорѓевски.

Стрелец: 0:1 Блажевски 64’

Ж. Картони: Г. Глигоров, Ацевски, Пановски, Тимовски (С) - Хамбарџумјан, Гачевски (В).

СИЛЕКС: Митровиќ, Филиповски, Филиповиќ, Ацевски (67’ Гуцев), Танушев (76’ Мојсов), Ф. Глигоров, Г. Глигоров, Пановски (86’ Тимовски), Каланоски, Мицков, Недељковиќ.

ВАРДАР: Гачевски, Грнчаров, Спировски, Којашевиќ (61’ Блажевски), Барсегјан (76’ Глигоров), Велковски, Хамбарџумјан, Николов, Демири, Фелипе, Боарето (66’ Џигаури)

 

СТАТИСТИКА

СИЛЕКС         ВАРДАР

3       корнери      5

6/3    удари/во рамки     8/5

23     прекршоци      13

2      офсјади       4

4      ж. картони    2

0      ц. картони     0

0      пенали      0

 

ФОТОГАЛЕРИЈА>>

ВИДЕО>>

сабота, 15 април 2017