Еден гол доволен за победа на Вардар против Ренова

Понекогаш до триумф се стигнува и со еден постигнат гол на натпреварот. Така беше денеска во дуелот на Вардар против Ренова кога во 23. минута Блажевски успеа да погоди во противничката мрежа. Меѓутоа „црвено-црните“ во вториот дел имаа многу шанси да дојдат и до втор, па, и до трет гол, и да забележат поубедлива победа. Меѓутоа не беа искористени неколку добри шанси и удари од добри позиции, па до крајот на натпреварот траеше неизвесноста околу триумфот на нашиот тим. Вардар после три натпревари без триумф во првенството, се врати на победничките патеки, со надеж дека серијата ќе продолжи и понатаму, односно после репрезентативната пауза која следува. 

Низ целосна доминација во текот на целото прво полувреме, Вардар до посакуваното водство дојде во 23. минута. Претходно во 20. минута следуваше шанса за Брдаровски кој што одкосо од десно шутираше само над голот на Ренова.  

Предноста на Вардар ја донесе голот на Блажевски. Максимов од десната страна упати топка по земја на петерецот, каде што Блажевски будно ја следеше ситуацијата, и го искористи недоразбирањето на одбраната на гостите, за да ја спроведе топката во мрежата на „гипсарите“.

После неколку изблокирани обиди на фудбалерите на Вардар, Ренова првата и единствена шанса во првото полувреме ја имаше во 42. минута. Најпрво шут на Гафури одкосо од десно, а потоа и на Нафиу, меѓутоа во двата наврати нашиот голман Гачевски беше внимателен и успеа да одбрани, и да не дозволи да се тресе неговата мрежа.

Во првиот дел од второто полувреме Вардарци имаа шанса да го зголемат водството, но и противникот да дојде до „егал“. Најпрво во 49. минута обид на Максимов кој што оди само над голот, а во истата минута Гачевски го одбрани ударот на Стојановски по нафрлувањето од левата страна.

Во 53. минута обидот на Фелипе од дваесетина метри е по средината на голот каде што одбрани Велии. Три минути подоцна нова одбрана на Гачевски, овој пат по обидот на Темелков. И Битанг се обиде во 65. минута, топката оди само крај голот. Во 69. минута прилика и за Барсегјан, неговиот удар отиде за малку крај голот, но топката на патот до голот закачи некои од играчите на Ренова, и беше досуден само корнер.

Не се случуваше ништо во однос со шансите сѐ до 82. минута кога Битанг од левата страна упати опасна топка кон голот на Ренова, па Велии мораше со крајни напори да избива во корнер. Во 84. минута нова шанса за тимот од Тетово преку Стојановски, но и нова одлична одбрана на Гачевски.

Шанса за Вардар во 85. минута преку нововлезениот Марковиќ кој што упати удар од 20 метри кој оди за малку крај левата статива. Во финишот од средбата истиот играч од 16. метри шутираше, но голманот Велии со врвот на прстите изби во корнер, што беше последна шанса на натпреварот.

ВАРДАР - РЕНОВА          1:0 (1:0)

Скопје, Национална Арена „Филип Втори“. Гледачи: 300.

Судија: Дејан Јакимовски (Скопје).

Стрелец: 1:0 Блажевски 23’

Ж. Картони: Тодороски (В) - Јусуфи (Р).

ВАРДАР: Гачевски, Брдаровски, Грнчаров, Новак, Тодороски, Глигоров, Битанг (86’ Колевски), Фелипе, Блажевски (77’ Марковиќ), Барсегјан, Максимов (62’ Попзлатанов).

РЕНОВА: Велии, Незири, Стојанов, Мишковски, Велија, Нухи, Темелков, Јусуфи (58’ Цветаноски), Гафури (69’ Садики), Нафиу (46’ Кадриу), Стојановски.

ВАРДАР               РЕНОВА

10           корнери              1

11/3       удари/во            7/5

12           прекршоци       16

0              офсајди               0

1              ж. картони         1

0              ц. картони          0

0              пенали                0

сабота, 17 март 2018