Вардар повторно подобар од Академија Пандев

Вардар по втор пат сезонава го совлада составот на Академија Пандев. После оние 0:2 во Струмица, денеска во Скопје на Националната Арена „Филип Втори“ беше 3:1 за Вардар. Нашиот тим во текот на целиот меч ја имаше иницијативата, ги имаше шансите, и сосема заслужено на крајот се радуваше на победата од овој меч и на трите освоени бодови. Вардарци имаа шанси и при 1:0 и при 2:0 да стигнат до повеќе, а потоа противникот успеа да намали. Сепак, во финишот од средбата Хамбарџумјан успеа со вториот негов гол да стави „точка“ на оваа победа.

Целосна иницијатива на Вардар во првиот дел која што резултираше со водство од 2:0 по завршувањето на првиот дел. Првата шанса дојде во 3. минута кога Блажевски од корнер нафрли на првиот дирек каде што Хамбарџумјан со глава ја погоди пречката од голот на Академија Пандев. Во 8. минута обид на Хабарџумјан кој што оди по средината, па Вујанац немаше проблеми. Минута подоцна шут и на Блажевски, и повторно голманот на Академија Пандев успеа да одбрани.

Во 19. минута Вардар поведе. Блажевски одкосо од левата страна се реши на шут, топката незгодно отскокна пред Вујанац и го измами, завршувајќи во неговата мрежа.

Се играше 25. минута кога после продорот на Тодороски од десната страна, Итало од непосредна близина упати удар кој што Вујанац успеа среќно да го одбрани. Во 32. минута првата шанса на Академија Пандев во првиот дел преку Мишов, неговиот обид заврши само крај голот.

Во 33. минута Вардар поведе со 2:0. После акција по левата страна на Блажевски, топката одеше во корнер, но Вујанац сакаше да спаси, па додаде само до Хамбарџумјан. Ерменскиот интернационалец се реши на шут од 25 метри, топката зарши во горниот десен агол од голот на Вујанац.

Првиот дел заврши со шанса за Академија Пандев преку Балдовалиев кој што упати прецизен удар, но сигурен беше Гачевски.

На почетокот на второто полувреме пенал за Академија Пандев во 57. минута. Дарко Велковски направи прекршок над Грифони, со што Ецкоски покажа на белата точка. Сигурен реализатор минута подоцна беше Атанасов кој што го намали резултатот на оваа средба.

Фелипе во 71. минута упати силен удар кој што заврши во пречката, и на самата гол линија од голот на Академија Пандев. Во 82. минута нова шанса за Хамбарџумјан кој што по проигрувањето од Стојков, упати удар кој што беше одбранет од Вујанац. Стојчевски во истата акција упати шут само над голот. Во 83. минута обид и на Хамбарџумјан одкосо од лево, но топката оди во надворешниот дел од мрежата.

Сите дилеми околу победникот ги реши „славеникот“ Ховханес Хамбарџумјан во судиското надополнување. Се реши на шут од 25 метри, а топката заврши во горниот лев агол од голот на Вујанац кој што остана само со поглед да ја испрати топката во неговиот гол.

ВАРДАР - АК. ПАНДЕВ           3:1 (2:0)

Национална Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 200.

Судија: Марјан Ецкоски (Охрид).

Стрелци: 1:0 Блажевски 19’, 2:0 Хамбарџумјан 33’, 2:1 Атанасов 58’ (п), 3:1 Хамбарџумјан 90’+2

Ж. Картони: Велковски, Блажевски, Фелипе (В).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Тодороски, Велковски, Муслиу, Марковиќ, Стојчевски, Фелипе, Барсегјан (79’ Глигоров), Блажевски (62’ Стојков), Итало (62’ Максимов).

АК. ПАНДЕВ: Вујанац, Јованов, Атанаскоски, Димов, Иванов, Стоилов, Мишов, Атанасов, Грифони (83’ Марков), Балдовалиев (53’ Ганчев), Чешмеџиев.

СТАТИСТИКА:

ВАРДАР           АК. ПАНДЕВ

5          корнери          4

15/8     удари/во        7/2

11        прекршоци     9

5          офсајди          5

3          ж. картони      0

0          ц. картони      0

0/0       пенали            1/1

 

недела, 10 декември 2017