Дарко Мицевски потпиша за Вардар и се врати во матичниот клуб

„Црвено-црниот“ дрес на Вардар во иднина ќе го носи Дарко Мицевски. Овој 26-годишен играч за врска, денеска се договори со раководството на нашиот клуб за соработка во следната година, со можност договорот да биде продолжен на уште две години. 

Мицевски зад себе има долга интернационална кариера, настапувајќи во екипите на ОФК Белград, Нови Пазар, Слобода Ужице, во Минск, а во нашиот клуб доаѓа од редовите на Ал-Неџмех од Либан. Од нашите клубови настапувал во Работнички и во Тетекс. Тој е поранешен младински репрезентативец на нашата земја, а интересно е тоа што сите младински категории ги минал токму во дресот на „црвено-црните“, каде што се враќа после неколку години пауза. 

„Чест ми е и задоволство што ќе играм во дресот на Вардар. Понудата ја прифатив без размислување, и во следниот период ќе дадам се од себе прво да се наметнам и да ја оправдам довербата, а потоа да атакуваме на двојната круна. Малкумина знаат дека јас потекнувам од овој клуб, играв во сите младински категории во Вардар, и ми е многу драго што повторно се враќам во клубот во кој настапував како дете. Од Вардар секогаш се бараат само успеси и само титули. Исто така очекувам успешно да го презентираме клубот и во Европа, како што тоа беше минатата сезона кога Вардар се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа. Прво треба да се изгради екипата, да се воигра добро, а потоа сите заедно да дадеме се од себе да донесеме успех за тимот“, изјави Мицевски.

Некогашниот младински репрезентативец добро се познава со дел од новите соиграчи, како и со нашиот шеф на стручниот штаб со кого беа заедно во младинската селекција на нашата земја.

„Тоа што се познавам со добар дел од играчите од Вардар, ќе ми помогне брзо да се адаптирам во новиот клуб. Исто така имам соработувано и со Бобан Бабунски, кој ме тренираше во младата репрезентација, и имам одлично мислење за него, имам. Добро се познаваме, ја знам неговата филозофија, знае и тој што можам јас, каде најдобро ќе одговорам на предизвикот, и тоа ќе ми биде од голема помош. Сега на мене останува само да тренирам, да се наметнам и се надевам на успеси во иднина“, рече Мицевски.

Ние му посакуваме успеси на Дарко Мицевски во „црвено-црниот“ дрес, многу радости и титули.

Добродојде назад во Вардар Дарко!

ДАРКО МИЦЕВСКИ

Датум на раѓање:      12.04.1992

Место на раѓање:      Скопје

Кариера:             Вардар (младински категории), Работнички, Слобода Ужице (Србија), Тетекс, ОФК Белград (Србија), Минск (Белорусија), Нови Пазар (Србија), Ал-Неџмех (Либан)

Репрезентација:        до 21 година

Позиција:                   играч за врска

недела, 10 јуни 2018