Дали сте знаеле...? Интересни факти за настапите на Вардар во Европа

Пред утрешниот настап на Вардар во Европа кој што ќе биде вкупно 72-ри меч на меѓународна сцена, еве неколку интересни бројки и факти кои што можеби не сте ги знаеле поврзани со најтрофејниот македонски тим за натпреварите на меѓународната сцена. 

- Дресот на Вардар на натпреварите во Европските Купови го носеле вкупно 201 фудбалер. Тука се вклучени натпреварите во Купот на победниците на Куповите, Лигата на шампионите, Лигата на Европа/Купот на УЕФА и Интер-тото Купот

- Најмногу настапи за екипата на Вардар на меѓународна сцена имаат Никола Глигоров и Муарем Зекир, кои што по 21 пат го носеле дресот на „црвено-црните“ низ Европа. Глигоров има 12 настапи во Лигата на Европа (најмногу од сите играчи), шест во Лигата на шампионите, и три во Интер-Тото Купот. Муарем Зекир, пак, има два настапи во КПК, 11 во Лигата на Европа и осум пати настапил во Лигата на шампионите

- Второто место со најмногу настапи го делат дури тројца фудбалери. Оливеира, Дејан Ристовски и Жарко Серафимовски имаат по 17 пати настапувано во европските Купови во „црвено-црниот“ дрес

- Најдобар стрелец во Европа за Вардар е бразилскиот интернационалец Вандаир со девет постигнати голови. Тој постигна еден гол во Лигата на Европа, три во Лигата на шампионите, и пет во Интер-Тото Купот

- Од сегашните играчи најмногу натпревари на меѓународна сцена има голманот Филип Гачевски. Тој утре ќе го игра својот 14-ти натпревар за Вардар на меѓународна сцена. Новак и Барсегјан до сега имаат одиграно 12 меча во Европа

- Тигран Барсегјан е играчот кој има постигнато два гола во Европа, од сегашните фудбалери на „црвено-црните“. Воедно, тој е единствениот фудбалер од сегашниот состав кој што се запишал во листата на стрелци. Другите сите чекаат прв гол на меѓународна сцена во дресот на Вардар

- Фудбалери од 13 различни националности настапиле за Вардар на меѓународна сцена. Станува збор за играчи кои што доаѓале од Бразил, Србија, Ерменија, Камерун, Нигерија, Црна Гора, Грузија, Колумбија, Бугарија, Шпанија, БиХ, Украина и Русија

среда, 18 јули 2018