Цветаноски: Пресреќен сум што потпишав за најдобриот клуб

Младиот 20-годишен играч Матеј Цветаноски стана дел од Вардар. Офанзивниот фудбалер се договори на три годишна соработка со „црвено-црните“. Дојде од таборот на Пелистер, а во минатото настапуваше во таборот на Македонија ЃП. Станува збор за талентиран фудбалер кој што беше дел од помладите селекции на нашата земја. 

Цветаноски не можеше со зборови да го опише чувството да биде дел од најтрофејниот клуб.

„Супер се чувствувам. Станав дел од најдобриот клуб во Македонија, и пресреќен сум. Секој играч сака да настапува во Вардар. Не знам како да го опишам ова чувство. Мислам дека нема соодветни зборови. Со нетрпение очекувам да почнам во новиот клуб, да почнам да тренирам и да играм во дресот на Вардар“, вели Цветаноски.

Офанзивниот фудбалер очекува да се докаже пред стручниот штаб и пред раководството, односно да ја оправда укажаната доверба, и се надева дека уште годинава ќе почне да освојува трофеи во новиот клуб.

„Подготвен сум за овој предизвик. Знам дека тука треба повеќе работа и залагање за да се докажам пред стручниот штаб. Меѓутоа се надевам дека ќе ја оправдам довербата и ќе дадам се од себе да помогнам да дојдеме до двојната круна и да донесеме уште еден голем успех на клубот во Европа, како што беше и минатата година со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа“, изјави Цветаноски.

вторник, 9 јануари 2018