„Црвено-црните“ убедливо ја совладаа Победа

После еден натпревар во шампионатот на Македонија и поразот во Тетово кај Шкендија, Вардар веднаш се врати на победничките патеки после денешниот триумф над Победа. „Црвено-црните“ доминираа во текот на целиот натпревар, го имаа поседот на топката, шансите, и доколку искористеа уште некоја, триумфот можеше да биде изразен и со поубедлива разлика. Со овие три бода, Вардарци направија уште еден чекор кон задржување на првата позиција на табелата во македонскиот шампионат.

Вардар го почна натпреварот офанзивно со цел побрзо да го отвори резултатот со противникот. Така уште во 2. минута се создаде шанса за Дарко Велковски кој што после проигрувањето од Барсегјан упати само непрецизен удар. Две минути подоцна истиот играч повторно во шанса, овој пат далеку попрецизно, меѓутоа голманот Талески се истакна со интервенција. Во 9. минута и првиот обид за Победа преку Мустафов кој што од триесетина метри прецизно се обиде, меѓутоа Гачевски успеа да одбрани. Минута подоцна Боарето упати удар кој што беше одбранет од Талески во корнер. Победа се закани и во 17. минута преку Станиќ кој што шутираше само по средината на голот каде што одбрани Гачевски. Најдобрата шанса за водство ја имаше Фелипе во 23. минута кога после центаршутот на Блажевски упати за малку непрецизен удар со глава.

Конечно, „црвено-црните“ дојдоа во водство во 26. минута. Демири го проигра Фелипе кој што од дваесетина метри упати прецизен удар во долниот лев агол. После голот Вардар нападна за да постигне уште еден, и тоа му успеа и во 42. минута. Прекрасен погодок на Блажевски од слободен удар од 17-18 метри ја „заби“ топката во горниот лев агол од голот на немоќниот Талески за водство во првото полувреме од 2:0.

Вардаровата доминација на теренот продолжи и во вториот дел. Ништо не се менуваше, а шансите се редеа пред голот на Победа. Во 52. минута после противнападот на нашиот тим, Демири се уфрли од втор план и упати прецизен удар кој што беше одбранет од Талески. Шест минути подоцна и Блажевски со дриблинг се ослободи од својот чувар, упати удар кој што беше одбранет од голманот на Победа. Во 68. минута убава шанса од стоперите на Вардар Грнчаров и Новак после нивното останување во нападот по изведениот корнер, Новак се најде во супер позиција, шутираше, меѓутоа голманот на Победа убаво одбрани.

Сепак, само неколку секунди подоцна, поточно во 69. минута грешка на дефанзивата на Победа после која топката стигна до Блажевски кој го мина голманот Талески, мина и еден противнички играч, асистираше до Џигаури кој што погоди во празната мрежа и го постигна својот прв гол во дресот на Вардар.

Вардарци не застанаа тука. Напаѓаа и правеа шанси за поубедлива победа, и на крајот тоа се исплатеше во 87. минута. После додавање од Џигаури, Којашевиќ од левата страна упати прецизен удар во долниот лев агол за уште поубедливо водство и конечен резултат на натпреварот против Победа.

ВАРДАР - ПОБЕДА     4:0 (2:0)

Национална Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 200.

Главен судија: Дејан Јакимовски.

Стрелци: 1:0 Фелипе 26’, 2:0 Блажевски 42’ 3:0 Џигаури 69’, 4:0 Којашевиќ 87’

Ж. Картони: /

ВАРДАР: Гачевски, Брдаровски, Грнчаров, Новак, Демири, Глигоров, Велковски (57’ Николов), Фелипе, Барсегјан (63’ Џигаури), Блажевски, Боарето (74’ Којашевиќ).

ПОБЕДА: Талески, Ѓоргиевски, Ристевски, Илиески, Ѓорѓиловиќ (46’ Котески), Ј. Наумоски, Војводиќ, Мустафов (71’ Карчески), Неданоски, Трајкоски, Станиќ (83’ М. Наумоски).

 

СТАТИСТИКА

ВАРДАР           ПОБЕДА

4          корнери          1

17/10   удари/во        7/4

10        прекршоци     9

7          офсајди          0

0          ж. картони      0

0          ц. картони      0

0          пенали            0

Победата на Вардар низ видео: 
 

 

ФОТО-ГАЛЕРИЈА>>

недела, 30 април 2017