„Црвено-црните“ стартуваа со подготовките за новата сезона

Вардар денеска тргна со летните подготовки, и секако главен акцент на истите ќе биде ставен на квалификациите во Лигата на Европа, кои според распоредот ова лето стартуваат кон средината на месец јули. 

Денеска попладне Вардаровиот сениорски тим се собра во тренинг кампот во Хиподром, а потоа следуваше прозивката на шефот на стручниот штаб Бобан Бабунски. Медицинските прегледи на играчите беа одработени во текот на денешниот ден. 

Играчите беа поздравени од стручниот штаб на екипата, од раководството, им беше посакана среќа во новиот подготвителен период, како и во настапите во новата сезона. 

Како што е познато, Вардаровите играчи до среда ќе работат во Скопје, а во четврток експедицијата на „црвено-црните“ заминува во Словенија. Во местото Зрече Вардарци ќе останат до 1. јули, и таму ќе одиграат седум контролни натпревари против Шампион Целје (17.06), Домжале (20.06), Марибор (21.06), Оренбург (25.06), Балзан (26.06), Херманштад (29.06) и Целје (30.06). 

ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ПРВАТА ПРОЗИВКА>>

понеделник, 11 јуни 2018