„Црвено-црните“ останаа без бодови и од дуелот со Работнички

И покрај желбите за повторување на резултатот од првиот меѓусебен натпревар оваа сезона, Вардар денеска не успеа да освои бод, или бодови, против градскиот ривал Работнички. 

„Црвено-црните“ запишаа уште еден минимален пораз, со што сега се зголеми заостанувањето од првата позиција на табелата. Противникот со еден гол стигна до трите бода, и покрај тоа што во добар дел од натпреварот Вардар ја имаше доминацијата и поседот на топката.

Стрелец на единствениот гол за Работнички беше поранешниот играч на Вардар, Оливер Пеев. Во 56. минута тој убаво смири топка која ја доби од Бопесу, и од само 3-4 метри погоди во голот на Гачевски кој беше немоќен.

  

Во првото полувреме и покрај поголемиот посед на топката, заканите дојдоа преку Јуфо и Брдаровски, но голманот Божиновски во двата наврати беше на своето место и успеа да одбрани и да не дозволи вардарова радост. 

После негативата, сите обиди на Вардар да дојде барем до бод завршија без успех, и така Вардарци останаа без бодови и во пресметката со уште еден градски ривал, после поразот од Шкупи на Чаир минатото коло. 

ВАРДАР - РАБОТНИЧКИ      0:1 (0:0)

Стадион: „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 300. 

Судија: Александар Ставрев. 

Стрелец: 0:1 Пеев 56’

Ж. Картони: Херанз, Најдовски (В) - Шаркоски, Димитровски, Стевановиќ (Р). 

ВАРДАР: Гачевски, Манев, Битанг, Херанз, Лира, Мицевски, Јуфо (79’ Исени), Најдовски, Тодороски (73’ Попзлатанов), Цветановски (61’ Ибиши), Брдаровски. 

РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Димитровски, Херера, Стевановиќ (72’ Ацковски), Стјепановиќ (83’ Митрев), Бопесу, Пеев, Борха, Шаркоски, Тодоровски, Петковски (75’ Геофреј). 

четврток, 22 ноември 2018