Брдаровски: Сакаме со победа да ја почнеме новата сезона

Вардар утре во рамките од 1. коло од новата натпреварувачка 2019/2020 сезона, е домаќин на тимот на Македонија Ѓорче Петров. Нашиот тим за прв пат ќе биде домаќин на тренинг центарот на ФФМ, на теренот каде што ќе се игра утрешниот меч кој почнува во 17:30 часот.

Вардарци подготвени влегуваат во пресметката со градскиот ривал, ветуваат беспоштедна борба за победа на првиот натпревар во новата сезон. Десниот бек Владица Брдаровски истакна дека секој противник треба да се респектира, особено што Вардар оваа сезона ќе настапува со доста подмлден состав, но дека сите во екипата се желни за докажување и за победи во новиот шампионат.

„Без разлика со каков играчки кадар располага, Вардар секогаш против секого оди на победа, и така ќе биде и на утрешниот меч со Македонија ЃП. Имаме доста подмладен тим со неколку играчи кои ни се приклучија од младинскиот погон, но исто така меѓу нив има голема желба за докажување. Тие сакаат да се докажуваат, да се носат со нас поискусните, и даваат максимум на секој тренинг.  Во тимот има одлична „хемија“, и утре сите заедно ќе одиме да ги освоиме трите бода, и да ја почнеме новата сезона со победа. Ние сме Вардар, и секогаш размислуваме само на триумф. Секако дека на секој натпревар ќе влеземе и со респект кон противникот како што ќе биде тоа и утре. Не чека еден тежок натпревар, меѓутоа го чекаме подготвени да дадеме се од себе да дојдеме до трите бода“, рече Владица Брдаровски.

Натпреварот Вардар - Македонија ЃП ќе биде емитуван во живо на Арена спорт ТВ. 

сабота, 10 август 2019