Брдаровски: Без потценување по бодови со Ренова

Од Тетово во Тетово. Вака изгледа патот на Вардар во овосезонскиот шампионат во Првата лига на Македонија. После првото коло и натпреварот со Шкендија на гостински терен, „црвено-црните“ в недела со почеток во 17 часот повторно како гости во градот „под Шара“ ќе играат овој пат против Ренова. 

Десниот бек на Вардар Владица Брдаровски го најави неделниот натпревар, а тој како и сите негови соиграчи посакуваат прва победа во новата сезона на „црвено-црните“. 

„Секако дека нашата цел е победа и на овој натпревар, меѓутоа тоа ќе треба да го сториме без потценување. Особено ја респектираме Ренова која што во првото коло обезбеди триумф против Работнички на гостински терен. Тоа кажува дека се квалитетна екипа на која мораме многу да внимаваме. Мораме да го дадеме максимумот на овој натпревар ако сакаме да ги освоиме бодовите. Само без опуштање и со безпоштедна борба на теренот се победуваат вакви натпревари. Реков нашата цел се три бода на овој натпревар, и ќе се обидеме да ги освоиме. Треба да одиграме како што одигравме минатата сабота против Шкендија, со мали корекции на некои грешки кои ги направивме, за да дојдеме до првата победа во оваа сезона“, изјави Брдаровски. 

петок, 17 август 2018