Бидете дел од роденденското славење на „Комити“

Утре е голем ден за Фудбалскиот клуб Вардар, за најверните навивачи на нашиот тим „Комити“ кои што најавуваат роденденско славење по повод 30. години од нивното постоење. 

Подобар момент за славење и не можеше да има, на вечното големо дерби против битолски Пелистер. Најдобрата навивачка група во Македонија славењето го почна вчера на натпреварот од женската ракометна екипа, ќе го продолжи денеска на машкиот ракометен клуб, и ќе го заврши со утрешниот дуел со фудбалскиот меч. „Комитите“ слават 30 години постоење во миговите кога нашиот фудбалски тим „полни“ 70 години, и оваа година го доживеа најголемиот успех во историјата со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа. 

Затоа фудбалскиот клуб Вардар Ве поканува во недела сите да дојдете на трибините на Националната Арена, и  сите заедно да бидеме дел од роденденското славје на „Комитите“. Натпреварот се игра во 18 часот, а играчите ветуваат дека ќе дадат максимум за да им подарат на нашите верни навивачи три бода и победа од македонското дерби. 

Уште еднаш потсетуваме дека за публиката ќе биде отворена само јужната трибина, додека на западната ќе биде сместена нашата навивачка група, каде што ќе се одвива најголемата „забава“. Посакуваме полни трибини за ова славје на „Комитите“ да биде уште повпечатливо. Нека биде тоа славје за паметење, нека биде дерби за кое долго ќе се зборува, со двојна радост: и роденденска, и победничка. 

сабота, 18 ноември 2017