Барсегјан ја најави, Максимов ја обезбеди првата пролетна победа

Први три бода на Вардар во пролетниот дел. Денеска на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје нашиот тим ја совлада Победа, и дојде до триумф. Головите на Барсегјан во првиот, и двата на Максимов во вториот дел го донесоа тимот до посакуваната цел, до триумфот на натпреварот. Вардар во текот на целиот натпревар ја имаше доминацијата, ги имаше шансите и за поубедлив триумф над противникот кого го победува втор пат во оваа сезона во Скопје.

Вардар дојде до водство во првиот дел, а имаше уште неколку добри шанси порано да го отвори резултатот, но и потоа по водството да зголеми и на 2:0. Стрелец на единствениот гол во првиот дел беше Тигран Барсегјан кој што после долга акција која ја почна Глигоров и го проигра Блажевски на левата страна, топка доби Фелипе од 20 метри шутираше по голот на противникот, голманот Јованоски кратко одби, а натрча Фелипе и ја смести топката во мрежата.

Во 15. минута почна серијата на шанси на Вардар кога Блажевски од левата страна го проигра Новак кој што се обиде, но Јованоски лесно одбрани. Потоа во 33. минута Марковиќ шутна од дваесетина метри, топката оди само крај левата статива. После водството Вардар во 43. минута можеше да зголеми на 2:0, но ударот на Барсегјан оди само крај голот, иако нашиот фудбалер беше во добра позиција.

Единствената прилика за гол Победа ја имаше во 17. минута кога ударот на Лога одеше по средината на голот на Вардар, и Гачевски немаше проблеми да одбрани.

Во 56. минута најсериозната прилика за Победа. По додавање од Гешоски од десната страна, Даноски од 3-4 метри ја испрати топката само крај голот. Во 59. минута Вардар се закани преку Глигоров. Неговиот обид од дваесетина метри оди само во рацете на Јованоски.  

Вардар дојде до водство од 2:0 во 73. минута. После продорот од десната страна на Тошевски, стигна до 5-6 метри и го проигра осамениот Максимов кој што само ја спроведе топката во презниот гол, зголемувајќи го водството на нашиот тим и во голема мера обезбедувајќи ја победата од овој меч.  

На почетокот на 90. минута Вардар ќе дојде и до трет погодок. Глишиќ од левата страна убаво го проигра Максимов кој што на првиот дирек успеа од прва да ја спроведе топката во мрежата на Јованоски за убедлива победа над прилепчани.

ВАРДАР - ПОБЕДА     3:0 (1:0)

Скопје, Национална Арена „Филип Втори“. Гледачи: 500.

Судија: Петар Мантев (Неготино).

Стрелци: 1:0 Барсегјан 38’, 2:0 Максимов 73’, 3:0 Максимов 90’

Ж. Картони: Грнчаров (В) - Јаќимовиќ (П).

ВАРДАР: Гачевски, Тошевски, Грнчаров, Новак, Глишиќ, Глигоров, Марковиќ (68’ Битанг), Фелипе, Попзлатанов, Блажевски (67’ Максимов), Барсегјан (81’ Исени).

ПОБЕДА: Јованоски, Велкоски, Јаќимовиќ, Крстески, Карчески (46’ Исаевски), Најдовски, Ивановиќ, Ацески, Лога (63’ Наумоски), Трајкоски (53’ Гешоски), Даноски.

 

СТАТИСТИКА

ВАРДАР           ПОБЕДА

7          корнери          0

11/8     удари/во        4/2

15        прекршоци     15

3          офсајди          0

1          ж. картони      1

0          ц. картони      0

0          пенали            0

 

недела, 18 февруари 2018