Бабунски: Целта е да создадеме игра и стратегија за успешни резултати

Шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“ Бобан Бабунски, денеска ја одржа првата прозивката на екипата, а потоа и првиот тренинг на тренинг кампот во Хиподром. Со тоа и официјално најтрофејниот македонски клуб ги започна подготовките за новата сезона во Европа, и во македонскиот шампионат. Бабунски најпрво се заблагодари за укажаната доверба да го води тимот, се заблагодари на досегашниот придонес на играчите кои до сега беа дел од Вардар, и очекува враќање на шампионскиот пехар повторно во рацете на „црвено-црните“. 

„Би сакал најпрво да се заблагодарам на дадената доберба да ја водам екипата, се надевам дека со целокупниот стручен штаб ќе ја оправдаме. Ова е почеток на нов проект. Заврши една убава приказна за Вардар, би сакал да им честитам на сите, иако неколку не продолжија со овој тим. Дојде и тој момент да се почне еден нов проект, и ја прифаќаме таа одговорност. Треба да ги вратиме резултатите и знаеме што сакаме. Имаме цел и стратегија, се надевам ќе успееме во тоа. Вардар во изминатите години освојуваше титули, се претстави добро и на европско ниво, тоа е нашиот план и понатаму“, изјави Бабунски. 

Вардар има сосема поинаков лик од минатите сезони. Сега една нова млада генерација на играчи ќе го носи тимот кон нови успеси. Бабунски смета дека и со подмладен состав, „црвено-црните“ ќе бидат конкурентни.  

„Играчите кои останаа се млади, но со една година поголемо искуство. Во наредниот нов проект се надевам ќе го покажат тоа и дека ќе бидеме конкурентни во однос на другите екипи“, рече шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“. 

Запрашан дали има некоја посебна желба во ждрепката на 20 јуни за Лигата на Европа, Бабунски со став: 

„Искрено, не размислуваме кој ќе ни падне на ждрепката. За тоа ќе разговараме кога ќе го добиеме противникот, и ќе се потрудиме да ја спроведеме нашата стратегија и игра. Вардар има секогаш цел – што подалеку да дојдеме до Европа и да бидеме што подобри во првенството и Купот. Сакаме да направиме игра која е привлечна за публиката со која ќе ги вратие гледачите на трибините“, заврши Бабунски. 

понеделник, 11 јуни 2018