Аврамовски: Заслуживме да победиме, можевме да дојдеме до пресврт

Вардар против Шкендија одигра само 2:2 во првиот 1/8 финален натпревар од Купот на Македонија, одигран денеска на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје. 

Иако според резултатот излегува дека Вардар се врати од негатива, сепак, според играта „црвено-црните“ можеа и повеќе. На 0:0 имаа одлични шанси, и при негативата од 0:2, а потоа и при 2:2 имаа прилика за целосен пресврт. 

„Сметам дека заслуживме да победиме денеска. Бевме подобар противник, имавме повеќе посед, повеќе шанси од противникот. Одигравме за чиста десетка. На почетокот имавме две шанси, потоа и при 0:1 четири прилики, но тоа е фудбалот. Кога не се користат шанси, обично следува казна. Верувавме и при негатива од 0:2 дека можеме да дојдеме до израмнување. Се договоривме да продолжиме да напаѓаме, да креираме шанси. Не можевме цел меч да промашуваме, мораше некогаш топката да заврши во противничкиот гол. И при 2:2 испуштивме шанса за 3:2. Навистина штета и треба да жалиме. Сега има реванш од кој се надеваме дека ќе излеземе како победници, и дека сето она што не го реализиравме тука, ќе успееме таму.“, рече вардаровиот фудбалер Даниел Аврамовски. 

среда, 25 септември 2019