Тренинг камп

Тренинг кампот на ФК Вардар е еден од најимпозантните фудбалски објекти, изградени не само на територијата на Република Македонија, туку и пошироко во регионот. Осмислен според современите капацитети кои ги имаат на располагање најсилните европски екипи, овој комплекс на нашите првотимци им ги овозможува сите неопходни услови за нормално одвивање на тренажниот процес.

Со пуштањето во употреба на тренинг центарот чија изградба чинеше 4 милиони евра, вардаровите фудбалери на располагање ги добија следниве благодети, кои ги нуди нивниот нов професионален дом:

  • Две фудбалски игралишта од кои едното е со вештачка, а другото со природна подлога и најсовремен дренажен систем, кој овозможува врвни услови за одржување на тренинзите, при секакви временски прилики. Обата терени се осветлени и со рефлектори, што им нуди можност на нашите првотимци и стручниот штаб, своите секојдневни обврски да ги извршуваат и во вечерните часови.
  • 16 соби и три апартмани наменети за дневен и карантински престој на играчите и стручниот штаб, на најтрофејниот домашен фудбалски клуб.
  • Просторија за теоретска и видео анализа на противниците.
  • Ресторан наменет за фудбалерите, како и кафетерија која истовремено можат да ја користат и посетителите на објектот.
  • Медицински центар
  • Спа центар
  • Простории за индивидуална анализа и разговори
  • Канцелариски простории за стручниот штаб

Објектот се наоѓа во скопската населба Хиподром на источниот влез од градот, во непосредна близина на истоимениот комплекс наменет за негување на коњичките спортови.

Имајќи предвид дека постоењето на соодветна инфраструктура е најосновниот предуслов за развој на фудбалската игра, ФК Вардар доби модерен тренинг камп каков што одамна заслужуваше. Едноставно, нашите сегашни и идни, тренери и фудбалери, токму на ова место ќе ја градат, темпираат и дотеруваат формата, која би требало да го вивне Вардар до посакуваните височини, на меѓународната сцена во европските натпреварувања.

Долгогодишниот сон на генерациите вардарови навивачи, за пласман во групната фаза од Лигата на шампионите и Лигата на Европа, сега со право може да кажеме, дека од ден на ден ќе почне да се претвора во реалност. Првиот чекор на патот кон зацртана цел, е веќе направен со реализацијата на планот за изградбата на „црвено-црниот“ професионален тренинг центар.