Трајановски: Посакуваме сезона без пораз и со два пехари

Генерацијата на Вардар на фудбалери родени 2003 година, е „уникат“ во младинските категории. Оваа генерација нема ниту еден пораз во своето првенство во Скопско-Кумановскиот регион, односно до сега од 18 натпревари има 17 победи и само еден нерешен резултат, а во Купот ќе игра финале против Академија Пандев.

Тренерот Томче Трајановски посакува завршување на сезоната без ниту еден пораз. Едната титула е веќе освоена, односно онаа во првенството, додека во Купот ќе се борат за пехарот против Академија Пандев на 1. јули со почеток во 17 часот на спортскиот центар „Петар Милошевски“ во Скопје.

„Се надеваме дека сезоната ќе ја завршиме без ниту еден пораз, и со двојна круна. Штом стигнавме до тука, ќе дадеме се од себе да дојдеме до овој успех. До сега во првенството имаме само еден нерешен резултат, и другото се победи. Тоа покажува колку оваа генерација е талентирана. Одиме до крај на сезоната да не загубиме, а потоа и на трофејот во Купот и јас се надевам дека ќе успееме да го освоиме. Имаме многу талентирана генерација која што уште од оваа возраст има победнички менталитет и желба на секој натпревар само да се докажува, и јас сум сигурен дека тоа ќе донесе резултат и сега и во иднина. Горд сум што тренирам една ваква талентирана генерација и што тоа го покажува и низ натпреварите во првенството и во Купот. Сега ни останува само да ја довршиме работата пред крајот на првенството и јас посакувам оваа сезона да биде крунисана со два пехари“, вели Трајановски.

 

четврток, 18 мај 2017