Јанев: Горд сум на момците за освоениот турнир во Сандански

Пред десетина дена, односно во периодот од 9 до 11 февруари, во Сандански се одигра силниот меѓународен турнир „Пирин Куп“ за генерации 2006, 2007 2008. Вардар се врати со еден освоен турнир во сите натпреварувања. Генрацијата 2006 година успеа да се закити со пехарот откако обезбеди шест победи од исто толку натпревари.

Оваа генерација е предводена од тренерот Сашо Јанев. Успеаја неговите момчиња да го завршат турнирот со 100% успешност, и на крајот заслужено пехарот замина во рацете на играчите на нашиот тим.

„Можам да кажам дека сум пријатно изненаден од децата кои што успеаја со сите победи да го освојат овој турнир. Многу сум задоволен од она што го прикажаа. Да се освои еден ваков турнир на кој учествуваат многу добри екипи со добри генерации навистина е голема работа. Исто така турнирот е едно големо исксутво и за самите играчи. Оваа генерација до сега немаше освоено вакво нешто, и сигурно дека за нив ќе биде мотив понатаму. Сепак, треба да им се честита и на другите генерации кои исто така учествуваа на овој турнир и дадоа се од себе да го прикажат клубот во добро светло. И за нив исто како и за моите момци учеството на ваквиот турнир е едно големо искуство. Браво за сите“, рече Јанев.

Сепак, турнирот во Сандански не е единствениот кој оваа генерација го освои во изминатиот период. Во бугарскиот град Благоевград се одржа и турнир во мал фудбал, во кој што генерацијата на Јанев исто така беше најдобра

„Учевствувавме и на турнир во мал фудбал кој што се одржа во Благоевград и на кој се натпреваруваа осум екипи. И тој успеавме на крајот да го освоиме, што покажува дека оваа генерација има талент и квалитет и очекуваме од неа многу во иднина“, истакна тренерот на генерацијата 2006 година на Вардар.

вторник, 20 февруари 2018