Манасиевски: Ќе дадеме максимум да го освоиме Купот

Пионерите предводени од својот капитен Филип Манасиевски, утре во Охрид се надеваат дека во финалето од Купот ќе излезат како победници, и дека на крајот ќе го подигнат пехарот во ова натпреварување. Практично, Вардарци го бранат овој трофеј освоен минатата сезона од нивните соиграчи, кои што голем дел сега се во постарите категории, во кадетите, младинците, а дел од нив се и во сениорската екипа. 

Носителот на капитенската лента на пионерскиот тим ги искажа своите очекувања во пресрет на утрешниот меч кој што се игра со почеток во 17 часот на стадионот „Билјанини Извори“. 

„Атмосферата во екипата е одлична, и сите сме подготвени да излеземе на теренот, да дадеме максимум и да го освоиме пехарот во Купот. Мислам дека ќе биде добар натпревар, и посакувам на крајот да победиме. Како на секој натпревар одиме и во овој на триумф. Сметам дека јас и моите соиграчи имаме квалитет да стигнеме до победата во ова финале“, истакна Манасиевски кој што веќе пет години е дел од младинските категории на Вардар, почнувајќи од најмали нозе и минувајќи ги помладите категории на нашиот тим. 

вторник, 15 мај 2018