Георгиевски: Верувам дека момците ќе влезат мотивирани во финалето

Утре во 17 часот на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, пионерската екипа на Вардар ќе го игра финалето на Купот на Македонија. Ривал на нашиот тим ќе биде составот на Академија Пандев од Струмица, а нашиот тим го брани пехарот од ова натпреварување освоен минатата сезона. 

Тренерот на оваа генерација Петар Георгиевски, ги истакна своите очекувања од утрешниот меч, а ја пренесе и атмосферата во екипата пред дуелот во кој што Вардарци ќе се борат да стигнат до трофејот. 

„Подготвени сме максимално да одговориме на овој предизвик, и верувам дека момците ќе дадат се од себе да дојдат до пехарот. Има притисок на вакви натпревари, и тоа е очигледно, но од друга страна и младите играчи се свесни дека на вакви натпревари можат многу да добијат. Во првенството успеавме да го совладаме нашиот противник, ама тоа не мора ништо да значи затоа што на тие мечеви играме со различни состави. Ова е еден натпревар во кој се е можно, и јас верувам дека овие деца ќе го дадат максимумот“, изјави Георгиевски. 

Георгиевски долго време е во младинската школа на Вардар, има играно многу вакви натпревари, и го има „рецептот“ кој ќе се обиде да им го пренесе на младите фудбалери пред утрешниот меч. 

„Ќе играме на победа, а тоа значи дека ќе сакаме да нападнеме и да играме на гол повеќе од противникот. Во зависност од тоа во кој правец ќе се движи натпреварот, сигурно дека мораме да бидеме подготвени на сите варијанти. Сум играл многу вакви натпревари, знам како се чувствуваат децата, а ние тренерите сме тука да им укажеме на сите работи, да влезат во натпреварот мотивирани, да дадат се од себе, и јас посакувам сето тоа да биде доволно на крајот да дојдеме до успех и до трофејот од Купот“, рече тренерот на пионерската екипа. 

вторник, 15 мај 2018