Кралевски: Посакуваме двојна круна, одиме на трофејот и во Купот

Генерацијата на Вардар помали петлиња, или фудбалери родени 2004 година, во четврток со почеток во 10 часот на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, го игра финалниот натпревар во Купот против Шкендија.

Предводник на оваа екипа е Игор Кралевски, кој што се надева дека победничката серија на тимот ќе продолжи и во финалниот меч од Купот. За потсетување дека оваа генерација има максимален број на победи (17) во првенството.

„Имаме максимален број на победи во првенството, но ова е финале, еден натпревар и тука пресудни се други фактори. Сепак, јас сум сигурен дека ќе најдеме мотиви да влеземе максимално подготовени и да го победиме финалето на Купот. Ќе биде тежок натпревар, не треба да не залажуваат победите во првенството. Титулата во шампионатот е веќе обезбедена, и јас и децата посакуваме оваа сезона да ја завршиме со двојна круна, и секако се надевам дека ќе ја исполниме оваа цел“, изјави Кралевски.

Тренерот на „црвено-црните“ верува во неговите избраници дека ќе влезат со силна желба да победат на овој финален меч.

„Никогаш не се знае како ќе се одвива натпреварот. Мотивацијата и кај едните и кај другите ќе биде на високо ниво. Ќе победи тој што ќе биде поквалитетен, а јас се надевам дека тоа ќе бидеме ние. Јас верувам во моите играчи, верувам дека ќе влезат во натпреварот со желба да дојдат до победата. Имаме против себе силен противник, меѓутоа подготвени сме да го дадеме максимумот и да дојдеме до трофејот“, рече Кралевски.

вторник, 15 мај 2018