Табели на младинските категории по одиграната сезона 2017/2018

Заврши сезоната во младинските категории во кои што Фудбалскиот клуб Вардар со три генерации успеа да го освои првото место, и да се радува на пехарите. Двете екипи на петлињата (генерации 2003 и 2003), и помладите пионери беа шампиони во својата генерација. Во две конкуренции освоивме второ место, додека една генерација го освои третото место. 

МЛАДИНЦИ

Младинската екипа ја заврши сезоната на втората позиција на табелата. Од 27 натпревари, младинската екипа освои 54 бодови, со 16 победи, шест нерешени средби и пет порази, со дадени 77 голови, и примени 32. На крајот имавме заостанување од девет бодови зад првопласираниот. 

КАДЕТИ

Кадетската екипа на „црвено-црните“ сезоната во својата категорија ја завршија на втората позиција на табелата со 57 освоени поени од 27 меча. Бодовите беа освоени со 17 победи, шест нерешени средби и четири порази. Кадетите постигнаа 67 голови и примија само 18, со што ја имаа најдобрата гол разлика од сите екипи во својата генерација. 

ПИОНЕРИ

Пионерската екипа на „црвено-црните“ на крајот беше третопласирана со 15 победи, седум нерешени средби и пет порази. Со постигнати 66 гола и примени 35, на крајот доволно само за трета позиција. На крајот пионерите освоија 52 поени. Оваа генерација играше и во финалето на Купот на Македонија каде што беше поразена од Академија Пандев со минимални 1:0. 

ПОМЛАДИ ПИОНЕРИ

Помладите пионери го освоија првото место и сосема заслужено се радуваа на шампионскиот пехар. На крајот билансот на оваа генерација во првенството беше 22 победи, четири нерешени средби и само еден пораз. Гол разликата убедливо беше на страната на Вардар и најдобра од сите екипи со постигнати 85 гола и 17 примени, со освоени 70 бодови. 

ПЕТЛИЊА (ГЕН. 2003 ГОДИНА)

И оваа генерација успеа да се закити со шампионскиот трофеј во својата генерација. На крајот „црвено-црните“ завршија три бода пред конкурентите на првото место со 60 освоени поени. Од 24 меча, Вардарци издвојуваа 19 победи, три нерешени средби и два порази, со гол разлика 103:11. 

ПОМАЛИ ПЕТЛИЊА (ГЕН. 2004 ГОДИНА)

Најубавото некако оди на крајот. Генерацијата 2004 година предводена од тренерот Игор Кралевски покрај тоа што убедливо го освои шампионскиот трофеј во првенството, се закити и со пехарот во Купот на Македонија.  Првенството го заврши со само едно „реми“ во последното коло, откако претходно имаше неверојатни 20 победи по ред. Оваа екипа постигна 93 голови, прими само 10 со што со освоени 61 бод, од максимални 63, успеа да се закити со шампионската титула. 

петок, 1 јуни 2018