Помладите вардарови категории тргнаа со подготовките

После младинците кои што веќе осум дена се во тренажен процес, со подготовки од почетокот на оваа седмица почнаа и кадетите, пионерите и помладите пионери. Со тоа сите четири помлади Вардарови генерации започнаа со подготовките за вториот дел од сезоната. Кадетите и пионерите се при самиот врв на табелата во своите првенства, а помладите пионери малку заостануваат, но и тие имаат шанси да бидат на крајот шампиони.

Тренерот на кадетската екипа Влатко Колев со првите импресии од стартот од подготовките:

„Почнавме во понеделникот, работиме за да се подготвиме за пролетниот дел од сезоната. На 17-ти февруари заминуваме во Дојран каде што ќе играме некоја пријателска средба, а до тогаш ќе тренираме тука на Фудбалската Академија. Што се однесува до играчкиот кадар немаме повредени, сите се тука и во моментов подготовките течат во најдобар ред и сме фокусирани само кон пролетниот дел од сезоната каде што очекуваме на крајот да бидеме на првото место на табелата во шампионатот“, вели Колев.

И тренерот на пионерите Сашо Тодоровски е задоволен од стартот на подготвителниот период на екипата.

„Веќе четири дена кадетската екипа на Вардар е во тренажен процес. Снегот од теренот на фудбалската Академија е исчистен и ги имаме сите услови за работа. Тренираме по два пати на ден и ние исто како и кадетите одиме во Дојран да играме пријателски натпревари. Играчкиот кадар е горе-доле истиот од есенскиот дел, со тоа што успеавме да се засилиме со неколку талентирани играчи кои ќе бидат дел од нашата екипа. Очекувам на пролет да атакуваме на нова титула“, изјави Тодоровски.

четврток, 26 јануари 2017