Маркоски: Во Вардар се чувствуваме како вистински професионалци

Кадетската екипа на Вардар ја заврши есенската полусезона на втората позиција на табелата, и се пласираше во полуфиналето од Купот на Македонија. Членот на оваа генерација Дејан Маркоски направи осврт на полусезоната, како и целите и амбициите за пролетниот дел од првенството.

Како си задоволен од билансот од есенскиот дел од сезоната?

„Завршивме на втората позиција и заостануваме само два бода од првото место. Можам да кажам дека сум задоволен со оглед дека сме уште во игра за титулата. Во Купот успеавме да се пласираме во полуфиналето, што значи дека шансите за тој трофеј се исто така големи. Секогаш се може подобро, секогаш целта е да бидеме први, меѓутоа имаме уште многу натпревари пред нас за да го надополниме пропуштеното“

Кои се твоите очекувања од вториот дел од шампионатот?

„Нормално, да атакуваме на титулата во шампионатот, и на трофејот од Купот. Реков, не сме многу далеку од првото место, односно разликата е само два бода, а во Купот сме во полуфиналето. Тоа значи дека сме во игра, и во пролетниот дел ќе дадеме се од себе за да стигнеме до двете круни. Треба сега добро да се подготвиме за тој предизвик затоа што има доста конкуренција и квалитетни екипи. Меѓутоа целта на Вардр е секогаш да биде првопласиран“

Неколку зборови за кадетскиот тим на Вардар, за твоите соиграчи, тренерот...

„Имам чест да бидам дел од Вардар, и од оваа екипа која што има многу квалитетни поединци и е квалитетен како тим. Напорно тренираме, на секој натпревар даваме максимум, добро сме воиграни, функционираме како една целина, и сето тоа треба да биде доволно за успешни резултати. На нас останува само да работиме и еден ден да стигнеме до нашата цел, да бидеме стандарни првотимци на Вардар. Можам да кажам само пофални зборови за момците, како и за тренерот Колев кој што има големо искуство со работа во млади категории и знае што треба ние да напредуваме“

Какви се условите кои Ви ги нуди Вардар?

„Сосема е јасно дека условите во Вардар се најдобрите во Македонија, па можам да кажам и пошироко. Фудбалската Академија на Вардар ги нуди сите можности еден играч да напредува од најмали нозе па се до играње во првиоит тим, што е желбата и сонот на секој фудбалер. Со отворањето на нашата Академија можеме сите млади генерации да тренираме, да играме натпревари. Се чувствуваме како вистински професионалци кои што ги имаат сите услови“

Вашата екипа главно тренинзите ги работи под рефлектори. Дали според тебе тоа е некаква предност?

„Академијата нуди можност да се тренира под рефлектори, и ние главно тренинзите ги работевме во вечерен термин. Тоа има свои предности затоа што ние фудбалерите ги имаме завршено обврските на училиште, и целиот тим, сите играчи може да бидат на тренинг. Тренирањето навечер носи дополнителен бенефит особено во топлите денови кога ги избегнуваме високите температури. Во секој случај ги имаме сите услови, сега на нас останува само да тренираме напорно, да ги исполнуваме сите задачи од нашите тренери и еден ден да се исполни мојата желба, а таа е да играм во сениорите на Вардар во првенството и во Европа“.

петок, 9 декември 2016