Јакуп Бериша: Сакам уште многу титули со Вардар

Вардаровиот млад фудбалер Јакуп Бериша од пионерската екипа е „прекомандуван“ во тимот на кадетите. Тој до сега настапуваше за пионерите на „црвено-црните“, и важи за еден од најголемите таленти во нашиот клуб. Пред неколку дена наполни 17 години, и посакува уште многу настапи во Вардар, најпрво во младинските категории, а потоа и во сениорите на „црвено-црните“.

„Чест е да се биде дел од Вардар. Особено во овој период кога клубот ги има најдобрите услови, кога направи фудбалската Академија која што ги нуди сите услови за еден млад играч да напредува во својата кариера. Јас посакувам уште многу настапи во Вардар, многу титули како во младинските категории, така и во сениорите. Сон на секој кој што е дел од младинските категории на Вардар еден ден да заигра и во сениорите. Така и мојата желба е таа. Најпрво сега да се радувам на титулата и со кадетската екипа, и полека од година во година да дојдам до мојата цел“, вели Бериша.

Прекомандувањето во кадетската екипа не значи дека Бериша ќе се „збогува“ и со пионерите, туку кога ќе има потреба ќе „помага“ и во помладиот Вардаров тим.

„Ќе тренирам и играм за кадетите, а имам право да настапувам и за пионерската екипа на Вардар. Оставам на тренерите да носат одлуки за која екипа ќе играм. Во секој случај добро е за еден млад играч како мене да добива шанса и во постарите генерации, и им го посакувам истото и на моите соиграчи од пионерската екипа. Таа генерација е одлична, и верувам дека е иднината на Вардар. Но, Вардар и во другите генерации има многу талентирани и добри играчи. Речиси сите тимови се во битка за врвот на табелата и тоа е еден заштитен знак на овој тим. Секогаш од сите генерации се бара прво место, пехар во Куп“, рече младиот играч на Вардар.

 

За Бериша пофални зборови има и тренерот на кадетската екипа Владимир Колев.

„Бериша е еден од поталентираните играчи во младинските категории на Вардар. Таа цела генерација има многу потенцијал. Го земавме во кадетската екипа, но ќе игра и за пионерите кога ќе има потреба. Може да игра и во нападот, и на крилните позиции. Ако продолжи со работа и со успешни настапи, верувам дека тој како и многмина играчи од школата ќе бидат иднината на Вардар и на фудбалот во Македонија“, вели Колев.

четврток, 23 февруари 2017