Три шампионски пехари за младите Вардарци во Детската Лига

Три од четири Вардарови тима ги освоија пехарите во завршницата од Детските Лиги, одиграни денеска на спортскиот комплекс „Петар Милошевски“ во Скопје. Генерациите 2005, 2007 и 2008 година успеаја да ги освојат наградите за првите места, додека генерацијата 2006 година на крајот заврши како второпласирана. 

Генерацијата 2005 година го освои првото место во својата генерација победувајќи го во финалето составот на Академија Пандев. Стрелци беа Спасиќ и Гаштаров во вториот дел од средата, во натпревар со многу шанси за Вардар. Оваа генерација беше предводена од тренерот Ане Андовски, а за најдобар стрелец на турнирот е прогласен Матеј Гаштаров. 

Вардаровата екипа составена од фудбалери родени 2006 година, за жал беше поразена во финалето од Албарса со 4:2, и со тоа го освои второто место во Детската Лига. И покрај шансите при 0:0, не успеаја да поведат, а тоа го стори противникот кој што до полувремето се стекна со предност, а на почетокот од вториот дел и со 0:2. Сековски го намали резултатот, а потоа Албарса стигна и до 1:3. Неизвесност донесе нашиот играч Кристијан Галевски, меѓутоа од пенал противничкиот тим стигна до победата на овој меч. 

Убедлив триумф во финалето забележа генерацијата 2007 година предводена од Томче Трајановски, во финалето го совлада составот на Фер Плеј со 6:2. Грашески, Шаботиќ, повторно Грашески, Младеновски, Томовски и Шаботиќ ги постигнаа головите за нашата екипа. Голманот Лука Јаневски е прогласен за најдобар голман, додека Александар Грашески за најдобар стрелец во оваа генерација. 

Генерацијата 2008 година исто така го освои големиот пехар откако во финалето беше подобра од Академија Пандев со 4:1. Момците на тренерот Павел Неделковски беа подобри од своите врсници. Бранковски, Дамјаноски два пати и Азизи беа стрелци на головите за нашиот тим, кој на крајот заслужено го освојува шампионскиот пехар. И тука Вардар освои награда за најдобар голман која му припадна на Лука Грчевски. 

Фото: Петр Стојановски

недела, 3 јуни 2018