"КОМИТИТЕ" СЕ КРУНА НА ВАРДАРОВИТЕ УСПЕСИ

„Секогаш со тебе" е мотото под кое е стартувано навивачкото движење околу најтрофејниот македонски клуб уште на крајот од педесеттите години од минатиот век кога е всушност и формиран ФК Вардар.

Од тогаш па се до денес, повеќе од 60 години, Вардар има постојано верна дружина зад себе која го бодри на секој натпревар од формирањето. Иако 40 години ФК Вардар немал правно организирана навивачка група, сепак како и поголемиот број клубови од балканските простори има редовно верни навивачи кои не пропуштале ниту еден негов натпревар. Уште од 1950 година, според сеќавањата на повозрасните љубители на фудбалот, Вардар го следеле редовно повеќе од 10.000 навивачи на Градскиот стадион. Сепак, организираното одење на стадион да се гледа Вардар земало нагорна линија по освојувањето на Купот на Маршал Тито во 1961 година. Од основањето на клубот па до средината на осумдесетите Македонците од цела Македонија, СФРЈ и дијаспората навиваа единствено за Вардар. И тогаш биле препознатливи клупските знамиња, шалови и навивачки песни, иако во тие години секој индивидуално ги набавувал како знаел и умеел.
"Вардаре, секогаш со тебе" е главната навивачка песна на која се сеќаваат повозрасните навивачи се до осумдесеттите години кога следи и првото формирање и промовирање на групата "Комити".

Формирање на "Комитите" во 1987 година
Во летото господово 1987 на 4 јуни, во Скопје, на Градскиот стадион се играше дербито во поранешната ју-лига меѓу екипите на Вардар и Ц.Ѕвезда (3:1). На Западната трибина за првпат од постоењето на клубот се забележува првиот транспарент "КОМИТИ". Навивачка група која тогаш целосно застанува зад шампионската генерација на Вардар. Од тој ден па се до денес, "Комитите" го следат Вардар каде и да оди и против кого и да игра. Имаат гостувано во сите градови во Македонија, скоро во сите градови во поранешната СФРЈ, и во многу градови низ Европа. "Комитите" за време на СФРЈ беа една од подобрите тифо групи. Во поранешна Југославија "КОМИТИ" остварија голем број на гостувања, а најголем впечаток оставија гостувањата во Белград и Ниш кога беа изненадени "Циганите", а Ниш тотално демолиран.

По распадот на СФРЈ во Македонија избувнува вистинска тифоманија со што "Комитите" добиваа конкуренти и нови искушенија. Покрај своите стари ривали "Чкембари", добија многу нови: "Мајмуни", "Кумани", "Војводи", ..... Па така "Комити" добија нова цел да докажат дека се најдобри и најсупериорни во Македонија. Меѓутоа со забраната за организирани масовни гостувања тифо движењето во Скопје па и во Македонија се сруши. Настана голема битка помеѓу "Комити" и ФСМ која резултира со невиден хаос на натпреварот Вардар - Силекс. На "Комитите" не им се дозволуваа потоа гостувања, на другите мак тифози не им се дозволува да пристигнат во Скопје, па така интересот за ултра навивање по малку се загуби. Сепак "Комитите" и натаму сериозно опстојуваат. Можеби не во онаа препознатлива бројка, но со голем квалитет и срце сеуште ги приредуваат препознатливите спектакли.

"Вардар – тоа сме ние!"Од осамостојувањето на Македонија, "Комити Запад" до 1999 година беа единствената вардарова навивачка група. По недоразбирањето со водството на "Комитите" во 1999 година се формираше и нова вардарова навивачка група "Лојал Фанс". Денес се активни и двете групи, кои во 2007 година повторно се обединија под мотото "ВАРДАР - ТОА СМЕ НИЕ!!!".

Како и да е, во годините изминати покрај Вардар кога навивачкото движење беше на работ на истребување, "Комитите" секогаш беа и се да ја дадат својата поддршка, да ги одбранат своите идеали и чест. И покрај сите забрани, опструкции, но и покрај целата репресија и негативна пропаганда која се врши кон името "Комити" и поимот навивач. Комити се секогаш тука!