Васил Рингов

Најдобриот стрелец, според борјот на постигнати голови на првенствените натпревари, во историјата на ФК Вардар е Васил Рингов, со 97 погодоци на лигашките средби.

Вардаровите навивачи го паметат Рингов, како вонсериски играч. Со неговата убиствена „левица“, беше мајстор за изведување на слободните удари, им сервираше милиметарски прецизни центаршутеви на „црвено-црните“ напаѓачи и беше незадржлив по левата крилна позиција, кога ќе надвиснеше сенката од Јужната Трибина.

Славниот Рингов е роден во Струмица, на 17 Април 1955 година. Дресот на Вардар за прв пат го облекува во сезоната 1977/78 и клупските бои ги брани цела деценија, во наредните десет години. Најголемиот успех со најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Рингов го постигнува во натпреварувачката 1986/87, како дел од генерацијата која ја освојува титулата државен првак во Првата сојузна лига на Југославија. Противничките мрежи ги има тресено вкупно 188 пати, на вкупно забележани 392 настапи во вардаровите редови. Повозрасните љубители на фудбалот, особено го паметат неговиот погодок од слободен удар во Букурешт, на натпреварот против Динамо од Купот на УЕФА, во сезоната 1985/86.

По завршувањето на кариерата како професионален фудбалер, Васил Рингов на почетокот од деведесеттите години на минатиот век, беше ангажиран и како асистент во стручниот штаб, кога по осамостојувањето на Република Македонија, Вардар доминираше на домашната фудбалска сцена. Во годините непосредно пред почетокот на новиот милениум, работеше и како спортски директор во раководните структури на клубот.

среда, 14 октомври 2015