Стјепан Бобек

Легендарниот хрватски стручњак Стејпaн Бобек, е роден на 3 декември, во далечната 1923 година, во Загреб.

Во својата богата тренерска кариера, го предводеше стручниот штаб на ФК Вардар, цели три сезони во периодот од 1 јули 1978 до 30 јуни 1981 година. Токму под негово водство, вардаровиот тим по тригодишниот пост во втората југословенска лига, конечно успеа да се врати во елитното друштво, меѓу најдобрите екипи од поранешна Југославија.

Во сезоната 1978/79, Вардар со Бобек на кормилото, плови кон првото место во второлигашката конкуренција, со импресивен биланс од 19 победи и 43 освоени бодови, на 30 одиграни натпревари. Како предводник од клупата на „црвено-црните“, Стјепан Бобек во првиот тим промовираше плеада на извонредни фудбалери, кои во осумдесеттите години од минатиот век, беа носители на играта на клубот, како Петар Георгиевски, Тони Савески, Гордан Здравков и многу други.

Поранешниот стратег на ФК Вардар, почина на 22 август 2010 година, во Белград на 86 годишна возраст, како еден од најистакнатите великани на југословенскиот фудбал, воопшто.

среда, 14 октомври 2015