Никола Аврамовски

Со вкупно 24 одиграни првенствени натпревари, во сезоната 1986/87, Никола Аврамовски беше еден од помладите фудбалери на Вардар, кои одиграа забележителна улога, во освојувањето на единствената шампионската круна, во првата лига на поранешна Југославија.

Роден на 10 август 1965 година, Аврамовски дебитира во дресот со „црвено-црните“ бои уште како тинејџер во натпреварувачката 1982/83-та. Една година подоцна, играше и за младата екипа на Вардар, која го освои југословескиот куп, со триумфот во младинското финале.

Својот матичен клуб, Аврамовски не го заборави ниту во годините по осамостојувањето на нашата татковина. Покрај освоената титула во југословенското првенство, популарниот Коки може да се пофали и со двата последователни трофеи во Националниот Куп на Република Македонија, до кои дојде со тимот на Вардар во сезоните 1997/98 и 1998/99, непосредно пред залезот на неговата кариера.

среда, 14 октомври 2015