Момчило Грошев

Чувар на голот на Вардар, во сезоната 1986/87, кога се постигна историскиот успех со освојувањето на шампионската титула во првенството на Југославија, беше легендарниот Момчило Грошев.

Популарниот Момо, како што го нарекуваа сите во клубот е роден на 19 јануари, во 1960 година. За тимот на Вардар, започнува да брани во сезоната 1982/83, наследувајќи го меѓу стативите докажаниот Благоја Георгиев.

Сѐ до завршувањето на неговата кариера како професионален голман, Грошев ја има чувано вардаровата мрежа на повеќе од 170 натпревари, од кои шест се на меѓународната сцена во европските фудбалски купови. Потоа работеше и како тренер на голманите во клубот, освојувајќи еден трофеј во Купот на Македонија, како член на стручниот штаб во сезоната 1998/99.

Неговиот живот згасна прерано, на 24 фебруари 2010 година, кога по кратко боледување Грошев почина на 50-годишна возраст, оставајќи ги зад себе спомените за неговите бравурозни интервенции.

среда, 14 октомври 2015