Дарко Панчев

Најдобриот македонски фудбалер на 20-тиот век, Дарко Панчев е еден од најголемите великани во богатата историја на најтрофејниот домашен фудбалски бренд, Вардар.

Роден на 7 септември 1965 година, легендарниот вардаров центарфор, дебитира во дресот со светите „црвено-црни“ бои на 17-годишна возраст, каде во натпреварувачката 1982/83, постигнува три погодоци на четири одиграни првенствени средби.

Веќе во наредната сезона (1983/84), популарниот „Кобра“ со 19 постигнати гола, станува најмладиот најдобар стрелец во историјата на фудбалскиот шампионат на поранешната СФР Југославија. Истата година (1984), нашиот прославен фудбалски ас, како капитен ја предводи и младата екипа на Вардар, до победнчикиот трофеј, во младинскиот куп на заедничката држава.

Дарко Панчев со 18 прецизни удари на 32 одиграни средби, беше „првата виолина“ во нападот и на „златната“ вардарова генерација, која во сезоната 1986/87, го постигнува најголемиот успех од постоењето на клубот, со освојувањето на шампионската титула во југословенското првенство.

Родениот голгетер, кој во манири на расен стрелец рутински ги тресеше противничките мрежи, сеуште е сопственик на клупскиот рекорд, кога станува збор за фудбалерите со најдобар просек на еикасност. Во дресот на Вардар, неповторливиот Панчев на 207 одиграни средби, има постигнато вкупно 132 погодоци, односно 0.65 по натпревар. Доколку се земат во предвид единствено првенствените натпревари, поединечниот учинок на „црвено-црната кобра“, гласи 84 гола на 151 прволигашкa средбa. Благодарение на овој импресивен биланс, Дарко Панчев е на второто место, на листата на најдобрите стрелци на првенствените натпревари во историјата на клубот.

среда, 14 октомври 2015