Благоја Вучидолов

Препознатлив по неговата надмоќ во дуелите со противничките фудбалери, при извршувањето на дефанзивните задачи, Благоја Вучидолов (82) е еден од најдобрите одбранбени фудбалери во долгата и трофејна вардарова историја. За него, повозрасните симпатизери на клубот говорат дека бил борбен играч, покрај кого топката можела да помине, но не и противничкиот напаѓач.

Славниот Вучидолов е роден на 22 јуни во далечната 1933 година. Во дресот на Вардар дебитира на 20-годишна возраст, на 11 ноември 1953 година, против хрватскиот Динамо во Загреб и боите на клубот ги брани во наредните 11 сезони. За најтрофејниот македонски фудбалски клуб има одиграно вкупно 230 средби и постигнато 14 погодоци. Најголемиот успех со тимот, Вучидолов го постигнува во сезоната 1960/61, кога Вардар се искачи на победничкиот трон во националниот Куп на тогашната Југославија.

По завршувањето на фудбалската кариера, има работено и како тренер на пионерската екипа. Под негово менторство, од младинската школа на клубот произлегоа и прочуените великани Кочо Димитровски и Ванчо Спасовски.

среда, 14 октомври 2015