Александар Бајевски

Поранешниот вардаров напаѓач и голгетер, Александар Бајевски е роден на 8 декември 1979 година, во главниот град Скопје.

Популарниот Бајо е играч кој потекнува од младинската школа на клубот. Во сезоната 1996/97, Бајевски ја предводи младата екипа на Вардар до убедливиот тримф над струмичка Беласица со 7:0, во младинското финале од националниот куп. Истата година, дебитира и во дресот на првиот тим.

Како фудбалер на скопските „црвено-црни“, Бајевски во својата кариера има освоено два трофеи во Купот на Македонија (1997/98 и 1998/99), како и една првенствена титула во државниот шампионат (2001/02).

Сепак, симпатиите на бројните вардарови навивачи, ги освои со неговиот потег да настапува за клубот во сезоната 2007/08, кога Вардар минуваше низ едни од најтешките моменти од своето постоење, борејќи се на прволигашката сцена со драстично подмладен состав.

Поранешниот македонски репрезентативец, за осумкратниот државен првак, играше се до 2009 година, настапувајќи 120 првенствени средби, со поединечен учинок од 26 постигнати голови.

четврток, 15 октомври 2015