За Македонија да победува - се роди Вардар!

На 22 јули во 1947 година се роди ФК Вардар, формирано е спортското друштво и фудбалскиот клуб, по фузијата на две спортски друштва, Македонија и Победа, со цел Скопје да добие можен спортски колектив кој масовно ќе го промовира и ќе го развива спортот.

По извршените консултации помеѓу тогашните градски фактори и раководствата на друштвата „Македонија“ и „Победа“, се дојде до заеднички заклучок, дека на Скопје му е потребен моќен спортски колектив, за масовна промоција и развој на квалитетниот спорт, а основачкото собрание се одржа во преполната сала на киното „Вардар“, со што и официјално се роди најпопуларниот македонски бренд

Основната цел со присоединувањето на дотогаш најдобрите клубови од територијата на главниот град, беше преку новосозданеиот великан, со успех да се претставува македонскиот фудбал и спортот воопшто, во рамките на тогашната Југославија. Со еден збор, преку фузионирањето на ФК Македонија и ФК Победа, се создаде ФК Вардар - за да победува Македонија!

Посакуваните победи дојдоа уште во премиерната сезона (1947/48), кога нашиот клуб по елиминацијата на екипата на Слога од Нови Сад, обезбеди пласман во првата југословенска лига.

На Основачкото собрание на СД Вардар одлучено е негова боја да биде сино-белата, како што ќе биде и бојата на знамето на друштвото. Но, веќе на следното Собрание, многу набрзо потоа, одлучено е сепак бојата на друштвото да биде "црвено-бела". Околу 17 години бојата на СД Вардар, а со тоа и на ФК Вардар била црвено-бела, за по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, се воведе актуелната боја на клубот – "црвено-црна".

вторник, 13 октомври 2015