Вардар по вторпат ја освои двојната круна

Идентично како во првата, Вардар без ниту еден забагубен натпревар, неприкосновено доминираше и во третата сезона на домашните фудбалски терени.

Со освојувањето на третата првенствена титула и вториот трофеј во купот, нашиот клуб по втор пат се закити со двојната круна.

Во првата лига, „црвено-црната“ казнена експедиција, забележа 23 победи и седум ремија на 30-те одиграни средби. На крајот од шампионатот, Вардар по трет пат беше убедливо прв со 76 поени на своето бодовно салдо. Признанието за најдобар стрелец, по едногодишна пауза одново заврши во рацете на Саша Ќириќ, кој овој пат во 35 наврати ги тресеше противничките мрежи.

За разлика од претходната година, нашиот тим овој пат повторно се искачи на победничкиот трон и во најмасовното домашно натпреварување. Во големото финале, најтрофејниот македонски фудбалски клуб, со 2-1 го совлада тимот Силекс, како тогашен бранител на престижниот трофеј.

На европската сцена, Вардар втора година по ред доби шанса да се натпреварува во Купот на УЕФА. Откако во првото коло, со две победи ја елиминираше грузиската Самтредија, нашиот првак во наредната рунда беше сопрен од францускиот Бордо. Откако го загубија првиот натпревар во Скопје со 0-2, „црвено-црните“ преку погодокот на Жарко Серафимовски имаа и почетно водство на возвратниот дуел, каде славниот Биксенте Лизаразу со удар од белата точка, ги постави конечните 1-1. Како мала утеха, Вардар како гостин успеа да ремизира, против тимот, кој таа сезона стаса дури до финалниот двомеч.

вторник, 13 октомври 2015