Петта титула во Македонија, ЛШ избега за еден гол

Ѓоко Хаџиевски, како најтрофеен тренер во историјата на нашиот клуб, во сезоната 2002/03 го предводеше Вардар до одбраната на шасмпионскиот трон во првата лига и освојувањето на петтата првенствена титула. По 33 одиграни кола, „црвено-црните“ втора година по ред завршија на врвот со 72 освоени бодови, одново оставајќи ја зад себе струмичка Беласица. Конечниот епилог гласеше 22 победи, шест нерешени средби и само пет порази.

Откако завршија натпреварите на домашната сцена, следуваше „жешката“ летна авантура на европската сцена, каде Вардар овој пат водство на Зоран Стратев, го постигна најголемиот успех во својата историја, кога станува збор за настапите во меѓународните натпреварувања. Воедно, нашиот клуб беше првиот македонски претставник, кој успеа да обезбеди пласман во третата квалификациска рунда од Лигата на Европските Шампиони.

Најрпвин во првото коло, Вардар рутински го елиминираше Бери Таун од Велс (домашна победа од 3-0 и гостински пораз од 1-2), за потоа нашиот клуб да приреди вистинска сензација во Москва, совладувајќи ја фаворизираната ЦСКА со 2-1. Историската шанса беше искористена на возвратниот дуел во Скопје, каде успеавме да ја одбраниме драгоцената предност, ремизирајќи со 1-1.

Откако ја урна Москва, нашиот Вардар успеа да и влее страв во коски и на Прага, во двомечот против чешкиот шампион Спарта. Иако на првиот натпревар на домашен терен, пред полните трибини на Градскиот Стадион, бевме неспортски поразени со тесен резултат од 2-3, нашите фудбалери, водени од желбата за дебитантски настап во групната фаза од најелитното натпреварување, лавовски се бореа до последен атом од силите и на реваншот. Преку погодоците на Славчо Георгиевски и Чинеду Блесинг, Вардар во два наврати имаше водство на натпреварот во Прага, кој на крајот заврши со нерешен исход од 2-2.

Како награда за успешните игри во шампионската лига, Вардар ја продолжи својата „евро-одисеја“ со настап во Купот на УЕФА. Таму, жрепката сакаше да ги одмериме силите, во двомеч со екипата на Рома. Разликата во квалитетот, додје до израз уште по првите 90 минути, кои се одиграа на величествениот „Олимпико“, во Рим. Вардар во „вечниот град“ претрпе убедлив пораз од 4-0, но затоа успеа да го поправи впечатокот, на вториот меч пред домашната публика. Нашите фудбалери одиграа незаборавни против четата на Фабио Капело, иако по првото полувреме благодарение „евроголот“ на Срѓан Захариевски, имаа и минимално водство.

вторник, 13 октомври 2015