Освоен трофејот „Маршал Тито“, прва европска победа

Првиот голем успех по создавањето на нашиот клуб, беше постигнат во 1961 година, кога Вардар го освои „маршаловиот“ трофеј во Купот на Југославија. На патот до победничкиот пиедестал, „вечната“ вардарова генерација, предводена од тренерот Антал Лика и легендарниот Илеш Шпиц, извојува шест историски победи.

Во првото елиминациско коло, беше совладана екипата на Млекарница со убедливи 10-0. Потоа Вардар како гостин беше подобар од Јединство во Бијело Поље, со 2-1. Следуваа три победи на домашен терен во Скопје. Најпрвин Вардар беше подобар белградските ривали Партизан и Раднички, совладувајќи ги со 3-2, односно 4-1. Во полуфиналната пресметка пред скопската публика падна и големиот Хајдук од Сплит, кој беше поразен со неверојатен резултат од 5-2.

Големото финале се одигра на стадионот на „ЈНА“ во Белград, на 26 Мај. Вардар, благодарение на погодоците на Владо Николовски и Мирко Илиевски во второто полувреме, го совлада Вартекс од Вараждин со 2-1, по што за прв и единствен пат го освои престижниот трофеј во најмасовното југословенско натпреварување.

Како награда за постигнатиот успех, нашиот тим дебитираше и на европската сцена во Купот на Победниците на Куповите, каде бевме елиминари во првото коло, од шкотскиот Данфермлајн. Првиот натпревар на гостински терен го загубивме со високи 5-0, додека на возвратнот дуел во Скопје, со головите на Петар Шулинчевски и Томе Јакимовски извојувавме утешна победа од 2-0. Воедно тоа е првиот натпревар, на кој Вардар успеал да триумфира, во меѓународните фудбалски купови.

вторник, 13 октомври 2015